Вработените во фирми со над 100 работници полесно и побрзо ќе ги добијат електронските здравствени картички со тоа што претставници од Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе им ги доставуваат директно во фирмата.
„Наместо овластените лица од фирмите да доаѓаат и да ги подигнуваат ЕЗК за своите вработени и за членовите осигурани преку нив, сега вработени во Фондот ќе ги посетат фирмите и ќе им ги достават изработените електронски здравствени картички. На овој начин ќе посетиме 110 фирми“, велат од ФЗОМ.
Покрај за вработените во фирми со над 100 работници, овој процес ќе се олесни и за граѓаните со паричен надомест коишто ќе ги подигаат своите здравствени картички од Агенцијата за вработување на Македонија кога ќе отидат да се регистрираат таму. Оваа постапка, пак, опфаќа 24. 512 осигуреници и членови на агенцијата.
Осигурениците во Агенцијата за вработување ќе потпишат изјава дека ја примиле ЕЗК за себе и за членовите осигурани преку нив. Подоцна, овие изјави, Агенцијата ќе им ги предаде на Фондот.
Што се однесува, пак, на повозрасните осигуреници, нив ќе ги посетат вработени во фондот со што на лице место ќе ги потполнат барањата за ЕЗК.

Додади коментар