Петмина тиквешани на пратеничката листа на СДСМ, вечерва ќе бидат познати кандидатите за пратеници и од ВМРО-ДПМНЕ
10-03-2020 РЕГИОН

Иако официјално предизборната кампања не е започната, политичките партии веќе долг период се во кампања. Започна официјализирањето на кандидатските листи со кои партиите ќе трчаат на предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 12 април годинава.

 

Синоќа владејачката СДСМ ги објави кандидатските листи. Во тандем, во ИЕ 1, одат Никола Димитров и Мила Царовска. Во ИЕ 2, Оливер Спасовски во тандем со Сања Лукаревска. Во ИЕ 3, носител е Љупчо Николовски, а втора на листа е Јагода Шахпаска. Во 4 ИЕ, носител е Зоран Заев заедно со Соња Мираковска. Во ИЕ 5, Радмила Шеќеринска и Јован Митревски, и во ИЕ 6, одат Билал Касами со Фаница Николовска.

 

„Во изборната единица 4 влегуваме со силни инвестиции во инфрастурктирата, со уште посилна поддршка за земјоделците и уште повеќе можности за младите, тоа ќе треба да го испорачаат пратениците од оваа изборна единица а предводени од мене, Зоран Заев и Соња Миракоска“ рече лидерот на СДСМ Зоран Заев во своето обраќање на конгресот, додавајќи дека ова е најголемата, најразноликата и победничка коалиција со родово нај избалансирана понуда на сите избори од независноста па до денес.

„Со ваква понуда немаме дилеми, ние сме победници на 12 април“ подвлече Заев.

 

Тиквешијата за прв пат на листата,  на оваа политичка партија,  има најмногу кандидати. На 4-та позиција се наоѓа Даниела Колева, актуелен директор на ООУ „Тошо Велков – Пепето“, веднаш по неа на пета позиција е поранешниот градоначалник на Кавадарци во два мандата и пратеник во повеќе мандати, Панчо Минов. Осмата позиција од листата на СДСМ е резервирана за Лолита Ристова од Неготино, раководител на секторот за локален економски развој во општина Неготино. На листата се и кавадарчанката Наталија Славева и Злате Стојановски.

 

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ кандидатските листи ќе ги утврдува вечерва.

 

 Засега според шпекулациите кандидатски статус имаат Зоран Јованчев – актуелен претседател на ОК Кавадарци и советник во кавадаречкиот совет, Слободан Ивановски – поранешен советник во советот и Весна Ѓорѓиева - претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар