Претседателката на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци попладнево одговори на обвинувањата изнесени на прес конференција од ОО на СДСМ Кавадарци.
(интегрален текст од прес конференцијата)
Згрозена сум од начинот на кој што СДСМ сака да поентира меѓу граѓаните, а посебно кај лозарите. Тешко ми е кога гледам дека шират лаги и манипулираат со податоци, наместо да лобираат особено кај откупувачите кои во нивно време им ги дадоа откупувачките центри само затоа што биле послушници на СДСМ.
Почитуван претседателе на СДСМ во Кавадарци. Повторно ништо нема да направите со ова. Само ги подгорувате проблемите на лозарите. Само им ветуваат дека ако гласале за СДСМ, мед и млеко ќе тече после тоа.
За разлика од СДСМ, сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци се во секојдневни разговори и со лозарите и со Владата за да се донесат мерки кои вистински ќе ги обесштетат лозарите кои нема да го продадат грозјето на откупувачите оваа година, а тие мерки наскоро ќе бидат објавени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Околу лагите искажани за мене и мојот имот, сакам да им објаснам на јавноста во Кавадарци дека имотот е уредно пријавен во Антикорупциска комисија, а за станот кој господата од СДСМ велат дека е „спорен“ (беше пријавен во Антикорупциска, а го нема во катастар) тоа е затоа што сеуште се исплаќа, а од фирмата од кој е купен сеуште не е префрлен на мое име.
За јас да бидам отчетна кон граѓаните и тој стан го пријавив во Антикорупциска, кој поради мојата јавна функција законски морам да го пријавам секој мој имот.
Имотот што го поседувам е стекнат со мојата плата и со платата на мојот маж које странец и работи во друга земја. Горда сум на мојот маж што одлучи наместо во неговата земја, Франција, сака да живее и инвестира во Македонија. Целиот имот кој гласи на мое име е транспарентно стекнат, согласно законите во Република Македонија.
Во меѓувреме ги истраживме имотните листови на советниците од СДСМ. Таму драги мои сограѓани има советници кои воопшто не доставиле имотни листови до Антикорупциска комисија. А зошто?
Зошто, ќе објасниме во друга прилика, да видите како тоа загрижените господа од СДСМ се богатат на сметка на лозарите.
Жал ни е што господата од СДСМ тераат политики на лаги и манипулации, наместо да помагаат и да лобираат особено кај откупувачите кои имаат тесни релации со нив. Денес и тие се дел од оваа Влада и пак ништо не превземаат, но народот памети и ќе се искаже на 11 декември.

Додади коментар