Проектот кој опфаќа реконструкција и проширување на патот Бохула-Крњево вчера кавадаречкиот совет го одреди за приоритетен. Согласно програмата за финансиска подршка на руралниот развој за 2015 година на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој, по објавениот повик по мерката 3.2.1 – подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, општината го одреди овој проект за приоритетен за аплицирање.
Со проектот е планирано да се реконструира и прошири овој патен правец на 4,5 км во должина. Проширувањето на патот ќе биде по целата должина на постоечкиот пат од 2 м, како би се добил коловоз во широчина од 5,5 метри . Градежните активности на овој локален пат ќе чинат близу 20 милиони денари.
Од секторот за локален економски развој нагласуваат дека реализацијата на проектот ќе има големо влијание врз подобрувањето на животните стандарди на граѓаните кои живеат во овие села, а позитивно ќе се одрази и на стратешката определба на општина Кавадарци за заживување на селата како и зголемување на бројот на жители.
Изградбата на овој патен правец е од особено значење за развој на туризмот затоа што се гради делница која го порзува СКИ центарот Кожув со општина Кавадарци.
„Согласно критериумите и правилникот за аплицирање за средствата по распишаниот повик, финансиските средства за реализација на проектот ќе се обезбедат во целост од буџетот на општина Кавадарци, а ќе се рефундираат по одобрување на проектот и прифатливите трошоци од страна на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој“ нагласуваат од секторот за локален економски развој при општина Кавадарци.
Ангел Данов
Додади коментар