Со донација на Фени индустри, цементара Усје и ротари клуб Кавадарци, а по иницијатива на Министерството за труд и социјална политика во Кавадарци се поставија современи детски играчки, прилагодени првенствено за децата со посебни потреби. Локалната самоуправа го обезбеди просторот и урбаната опрема, клупи и корпи за отпадоци. Непосредно пред кејот на реката Луда Мара се поставија овие реквизити пред неколку дена, но за кратко време истите се веќе оштетени.
Се поставува прашањето kому истите му пречат? Што е тоа што ги натерало да оштетат општествено добро, наменето за игра на најмладите и на оние кои имаат малку можност за рекреација. Сторителот на ваквото гнасно дело очигледно има сериозни психолошки проблеми за кои ќе мора да бара соодветна лекарска помош. Освен оштетените играчки на неколкку места украден е дел и од вештачката трева.
Општината апелира до граѓаните домаќински да се однесуваат кон реквизитите кои можат да ги користат, воедно го осудува неодговорниот однос и уништувањето на сопствена штета.
Реквизитите од овој мини парк можат да ги користат сите деца, но предност да им се дава на оние за кои се наменети, заради интерактивен однос и социјализација на децата со посебни потреби. Целта е да се дружат едни со други.
Ангел Данов

Додади коментар