Отчет за сработеното денеска даде градоначалникот Митко Јанчев
26-10-2022 РЕГИОН

Реализирани се бројни капитални проекти и проекти за подобрување на условите за живот во Кавадарци рече меѓу другото денеска градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев кој даде отчет за една година од новиот мандат.

 

Се осврна на сработеното, а најави и нови проекти кои ќе го менуваат ликот на Кавадарци во наредниот период. Нагласи дека под еднакво се опфатени урбаните и месните заедници.

Се заблагодари за соработката на сите раководители на општинските сектори и на граѓаните.

 

 

 

(интегрален текст од отчетот)   

Вашата поддршка за втор мандат за градоначалник, за мене значи соочување со уште поголеми предизвици за брзо реализирање на сите планирани проекти. Предизборната програма почна да се планира, но и да се реализира од првиот ден од новиот мандат.

По измината една година заедно со моите соработници, но и со Вас, сведоци сме на голем број реализирани проекти.

 

Во овој отчет за сработеното, една година од мојот втор мандат, се забележани сите реализирани, но и започнати и планирани проекти кои произлегуваат од Вашите барања и потреби и за кои имаме уште три години за да ги реализираме. Иако јас верувам дека тоа ќе се случи многу порано.

 

Можеби звучи нескромно, но, Кавадарци за мене беше и секогаш ќе биде на прво место. Кавадарци веќе одамна отскокнува од другите општини во инфраструктурата, економскиот развој, туристичката понуда, но и стана општина во која се живее безбедно и квалитетно.

 

И затоа, дозволете ми да ви одземам малку од вашето драгоцено време, за да ве запознаам и информирам зошто е тоа така.

Изградивме нов современ Градски зелен пазар по светски стандарди,на кој верувам сте горди. Со реализацијата на овој проект, значително се подобрија условите за сите нас, се намали сообраќајниот метеж, а централното градско подрачје доби нов лик.

 

Изградивме нов парк Киро Крстев, соурбана опрема и хортикултурно уредување.Направен со цел нашите граѓани, да имаат уште едно катче за релаксација, рекреација и прошетка со најблиските.

Спортската сала во О.О.У „Страшо Пинџур” се изгради за помалку од една година. После многу години и О.О.У „Димката Ангелов Габерот во село Ваташа доби современа спортска сала. Сега учениците имаат можност наставата по физичко образование да ја изведуваат во овие објекти.

 

Се изврши реконструкцијата на О.О.У „Димката Ангелов Габерот’’ с.Сопоt,комплетна реконструкција на О.О.У ,,Страшо Пинџур’’ во с. Возарци. Реконструкција на ул. Зелен Пазар на потег од тунелчето и од спој со ул. ,,Цано Поп Ристов’’.

Изградба и опремување на капела на муслиманските гробишта во Кавадарци.

 

После 40 години Кавадарци доби нова детска градинка. Во објектот „Сонце“ која работи во склоп на детската градинка „Рада Поцева“, и во која се згрижуваат 180 деца во седум групи.

Во функција е пуштена петата минихидроцентрала на системот Лукар.

Вкупно на 18 локации, се поставија мерни станици со што се најави почетокот на регионалниот проект ,,Инсталирање на мерни станици за СМАРТ ЗЕМЈОДЕЛСТВО за општините Кавадарци, Росоман,Неготино и Демир Капија’’.

 

Проект вреден 2,2 милиони евра, грант од германската КФВ банка, веќе некој период се реализира во Кавадарци. На повеќе улици се врши реконструкција на атмосферската канализација, но и одвојување на фекалната од атмосферската.

Општина Кавадарци е меѓу првите кoja го реализираше проектот ,,Поставување на фотонапонски панели на 10 Јавни општински објекти со вкупна инсталирана моќ од 200 киловати на час’’. 

Заедно со градоначалниците на Општините Неготино, Росоман и Демир Капија како и претставници од Националната мрежа против насилство врз жените и здружение за родова еднаквост ,,Визија’’ Кавадарци, го отворивме советувалиштниот центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство.

 

Во однос на инфраструктурните проекти, во изминатите години беа целосно реконструирани, пробиени и поплочени голем број на улици и тротари и тоа:Улиците 7-ми Септември, повеќе улици во населбата Бел Камен на површина од 3600м2, Вардарска, Шишка, Западен Булевар,Благој Дафков, Глигор Прличев, Цветан Димов, Дисанска, Наца Пинџурова, патот до село Дреново, патот до Ресавски залив, Праведничка, Моклишка, 16-ти Јуни, патот до Куманичево, Страшо Пинџур, Браќа Хаџи Тефови, Западен Булевар (коњски дупки), пат од браната ХЕЦ Тиквеш до Голеш, од село Раец до Ќесендре, Крсте Мисирков, Ванчо Николевски со улицата Боро  Ваташки, улица Индустриска, Лазо Асијата, Ристо Миов, Орце Николов, патот до село Фариш, Јованче Велков, Февруарски поход, Пешо Самарџиев, Клинска, 41 Дивизија и Црноречка, Зелен пазар, Ресава, потпорен зид во Горна Бошава, пешачка патека на улицата 14 Мај со улицата Неретва, Домовица, Иво Андриќ, Цано Поп Ристов и многу други.

 

Во однос на околните села во нашата општина, континуирано се работи на подобрување на пристапните патишта и реализација на проекти во селата.Пробиени и санирани се многу селски патишта. Исчистени се повеќе од 20 депонии во Марена, Сопот,Дреново, Ресава и другите околни села.

 

Насекаде можат да се забележат зелени површини и урбана опрема. Хигиената во градот е на завидно ниво.

Во делот на спортот, реализирани се низа проекти.Изградба на соблекувални по сите стандарди за првпат на фудбалското игралиште во селата  Сопот и Марена. Изградени се спортски сали, реконструирани повеќе фудбалски игралишта во Кавадарци и околните села. Изградени се шест од вкупно 15 нови детски игралишта во градот, селата и руралните средини.Се подобруваат условите за тренинг и натпревари на сите спортисти.Отворање на лизгалиште во зимскиот период, како и целосна реконструкција на градскиот стадион Тиквеш и на Спортскиот центар Јасмин.

 

Почитувани ова е само дел од досега сработеното. Ова е тоа со што го променивме правецот на развој на градот Кавадарци.А сега би сакал да  ви презентирам неколкумина од поголемите реализирани проекти во оваа година.

 

Поголеми реализирани проекти:

  1. Градскиот пазар кој после 60 години доби модерен и атрактивен изглед таков каков што треба да биде и каков што заслужуваат граѓаните. До пред една година, оваа идеја, проект, беше само парче хартија, а сега после една година, добивме место за пазарување по сите светски стандарди. Се простира на површина од 2100 метри квадратни со три нивоа, приземно и подземно со вкупно 130 паркинг места, магацински простор и санитарни јазли. Делот за пазарување располага со 190 модерни тезги и 6 фрижидери. Сите нивоа се поврзани преку скалници, товарен лифт за достава на стока и помал лифт за сите лица.Овој пазар им овозможи на граѓаните да купуваат секогаш свежо овошје и зеленчук, млечни, месни и други производи.Поради сообраќајната поврзаност на новата улица Зелен пазар со улиците 7-ми Септември и Цано Поп Ристов, може да му се пристапи од сите страни. Изградбата траеше десет месеци и чини 105 милиони денари, пари што Општина Кавадарци ги обезбеди преку заем од домашна банка. Пазарот е еден од најсовремените во земјава. Покриен, опремен со современи тезги и разладни витрини. Лик на нов современ зелен пазар со две нивоа за паркирање и едно ниво за продажба на свежи зелени производи, но и производи кои бараат посебни услови.

 

  1. Нов парк ,,Киро Крстев’’. Паркот е со целосно нов изглед, урбана опрема и хортикултурно уредување, функционален и направен со цел нашите граѓани да имаат уште едно катче за разонода, рекреација и прошетка со најблиските. Реализацијата на овој проект е донација од компаниите “ЈА-МИ“ и “З Транспорт“.Во моментов се работи на пристапни пешачки патеки од ул. Ристо Миов и ул. Методија Џунов Џикот, а со асфалтирањето на ул. Ристо Миов комплетно се реализираше Деталниот урбанистички план Дисанска.

 

  1. Спортската сала во О.О.У „Страшо Пинџур”  Кавадарци .Нова сала во која учениците имаат можност наставата по физичко образование да ја изведуваат во овој објект. Изградбата на спортската сала во дворното место на О.О.У Страшо Пинџур Кавадарци како дел од Проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали. Спортската сала е со површина од 650м2, се состои од две меѓусебно поврзани секции: секција на помошни простории и секција на главен простор - фискултурна сала. Проектот опфаќа освен изградба на спортската сала и комплетно опремување на истата со опрема и мебел. Истовремено би сакал  и да најавам дека деновиве веќе се започна со комплетна реконструкција на училишниот двор, асфалтирање и поплочување, со летниковец за одмор на учениците.Со тоа училиштето освен внатрешно , и надворешно ќе добие нов лик.

 

 

  1. Изградба на Спортска сала во О.О.У „Димката Ангелов Габерот с.Ваташа, Кавадарци. После многу години село Ваташа доби современа спортска сала. Истата се изгради за помалку од една година, и од оваа учебна година учениците ќе имаат можност наставата по физичко образование да ја изведуваат во овој објект. За оваа инвестиција Општина Кавадарци издвои 24 милиони денари од својот буџет. Спортската сала се протега на површина од 400 м2.

 

  1. Реконструкцијата на О.О.У „Димката Ангелов Габерот” подрачно училиште во село Сопот. Се извршија градежни активности кои опфатија целосно реновирање на училиштето, поставување на нов под во сите училници, нови врати,реконструкција на ѕидови, плафони и ходници.

Комплетно е променета цела електрична инсталација и поставено е ново енергетскo ефикасно осветлување, нови тоалети, и тоалети за лица со посебни потреби. Направена е целосна реконструкција на подрумските простории на училиштето.Со ова учениците во село Сопот  добија современо, енергетски ефикасно училиште во кое се остварува воспитно образовен процес согласно најсовремените стандарди. Претходно се направи и реконструкција на училишниот двор, а проектот за спортска сала со одобрението се готови и со новиот буџет ќе се започне со изградба на нова спортска сала во село Сопот, за сите ученици и спортисти.

 

  1. Комплетна реконструкција на О.О.У ,,Страшо Пинџур’’ во с. Возарци. Истата опфаќаше градежни зафати кои се однесуваа на изградба на комплетно нов кров, реконструкција на фасада и градежно занаетчиски работи во внатрешноста на училиштето кои опфаќаа санација на под, плафон и sидови. Наместени се и клупи, столчиња, табли, шкафчиња и се што ќе им биде потребно на учениците. Со ова значително ќе се подобрат условите за работа и одвивање на квалитетна настава. Самиот објект доби нов лик, а учениците добија современо училиште во кое од оваа учебна година се остварува воспитно образовниот процес согласно најсовремените стандарди.Целосната инвестиција е околу 9.000.000 денари.

 

  1. Соблекувалните во селата Сопот и  Марена. Соблекувални по сите стандарди, првпат во овие две села. Подобрување на условите на сите спортисти за тренинг и натпревари.Две простории, за домашни и гости, со санитарни чворови, кујна и просторија за делегати и судии. Вредност од 3.400.000 денари.

 

  1. После 40 години Кавадарци доби нова детска градинка. Во објектот „Сонце“ кој работи во склоп на детската градинка „Рада Поцева“ се згрижуваат 180 деца во седум групи.Новата градинка е изградена и опремена по современи стандарди, а чини 57.4 милиони денари. Таа е изградена согласно најсовремените стандарди за енергетска ефикасност и ќе користи и обновливи извори на енергија преку системот на сончеви колектори.

Во изминативе четири години, заедно со новиот објект, капацитетот на градинката е проширен за 380 места, со тоа Кавадарци нема повеќе проблем со капацитет за згрижување на деца во градинка. Инвестицијата е на МОН со дел од буџетот на Општина Кавадарци.

 

 

  1. Промена на прозорите во зградата на Локалната Самоуправа Кавадарци. Објектите кои се опфатени со овој договор се и основните училишта Страшо Пинџур од село Дреново, Страшо Пинџур од село Возарци и Тошо Велков Пепето Кавадарци, како и амбулантата во село Возарци. Средствата се во висина од 2.726.585 со вклучен ДДВ согласно програмата за намалување на аерозагадувањето за 2021 година.

 

 

  1. Изградба на капелата на муслиманските гробишта во Кавадарци.Изградбата и опремувањето на капелата чинеше три милиони денари.

 

  1. Реконструкција на ул. Зелен Пазар на потег од тунелчето и од спој со ул. ,,Цано Поп Ристов’’. Преходно извадени гранитни коцки и комплетна реконструкција на фекална канализација по цела должина на улицата од страна на ЈП Комуналец, каде што се поставија нови ивичњаци а потоа и асфалтирање на површина од 750 м2. Целосна инвестиција на Општина Кавадарци од 1.400.000 денари.

 

 

  1. Во функција е пуштена петтата минихидроцентрала на системот Лукар. Свечено во работа ја предадовме заедно со директорот на ЈП Комуналец Орданчо Клинчаров.За краток период централата беше ставена во функција и можам слободно да нагласам дека оваа, како и претходните 4 минихидроцентрали нема да има никакво влијание врз процесот на водоснабдување и врз квалитетот на водата за пиење. Производството односно инсталираната моќност на оваа хидроцентрала е 152,3 киловати на час, а истото ќе биде променливо во зависност од месечната потрошувачка на вода. Целосната инвестиција, градежниот дел и опремата изнесува околу 23.000.000 денари.

 

 

  1. Вкупно на 18 локации, се поставија мерни станици со што се најави почетокот на регионалниот проект ,,Инсталирање на мерни станици за СМАРТ ЗЕМЈОДЕЛСТВО за општините Кавадарци, Росоман,Неготино и Демир Капија’’.Со поставувањето на овие мерни станици се овозможува електронски мониторинг на атмосферските влијанија врз земјоделско обработливите површини на територијата на Општина Кавадарци, односно на лозово – овоштарските насади. Мерните станици ќе даваат важни информации за:

 -влажност на воздухот

-сончеви денови во годината

-количество на врнежи

-степенот на температурни осцилации, како и ред други податоци кои што ќе се акумулираат електронски со посебен софтвер со што значително ќе може да се допринесе кон намален трошок за третирање на самите лозови насади со пестициди, а во исто време и зголемен принос со значително зајакнет квалитет на производите.Вкупната вредност на регионалниот проект изнесува 10.000.000 денари со вклучен ДДВ. Средствата во износ од 9.000.000 денари се обезбедени од Биро за регинален развој преку Вардарско плански регион, а останатите 1.000.000 се обезбедени од општините Кавадарци, Росоман,Неготино и Демир Капија. Општина Кавадарци учествува со свои сопствени средства од 450.000 денари.Со овој проект кој е од големо значење за Тиквешијата, земјоделците добиваат можност за квалитетна и економски исплатлива заштита на земјоделските култури, се користат помалку препарати, а ефектот ќе биде многу поголем.

 

  1. Заедно со градоначалниците на Општините Неготино, Росоман и Демир Капија како и претставници од Националната мрежа против насилство врз жените и здружение за родова еднаквост ,,Визија’’ Кавадарци го отворивме советувалиштниот центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство.

Ова е прв регионален советувалиштен центар поддржан од општина, во случајот поддржан од 4 општини.Главна цел на овој центар е да се подобри пристапот до специјализираниот сервис за жени и деца жртви. Советувалиштето се наоѓа на локација лесно достапна за лица со физичка попреченост и ќе го користат жени и деца жртви на семејно насилство од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман.

 

 

  1. Проект вреден 2,2 милиони евра, грант од германската КФВ банка, веќе некој период се реализира во Кавадарци. На повеќе улици  се врши реконструкција на атмосферската канализација, но и одвојување на фекалната од атмосферската. Улиците, 7-ми Септември, Вардарска,Шишка, Западен Булевар веќе добија целосна реконструкција, а ќе се продолжи со реконструкција и на улиците: Цветан Димов, Вишешница, Мито ХаџиВасилев Јасмин, Никола Минчев, и Моша Пијаде во склоп на договорот од КФВ Банка со ЈП Комуналец и Општина Кавадарци.

 

 

  1. Општина Кавадарци е меѓу првите кoja го реализираше проектот

,,Поставување на фотонапонски панели на 10 Јавни општински објекти со вкупна инсталирана моќ од 200 киловати на час’’ Објекти на кои се поставија фотонапонски панели се Општинската зграда, Спортскиот центар Јасмин, трите Средни општински училишта и петте Основни општински училишта.Општата цел на проектот е искористувањето на сончевата енергија и намалување на емисијата на штетни гасови и загадувањето на животната средина. Во Кавадарци за првпат се реализираше ваков иновативен проект со кој се придонесе за заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните бидејќи овие фотонапонски системи работат на користење на обновливи извори на енергија. Проектните активности ќе доведат до големи заштеди во буџетите на училиштата со што во голема мера ќе придонесе за реализација на идни проекти.

 

  1. Согласно Договорот за заем за финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта помеѓу Македонија и Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка, кој Општина Кавадарци го доби како грант,целосно реконструирани се улиците Дисанска, Западен Булевар,Браќа Џунови, Пионерска и Илинденска, а ќе се отпочне и со Булевар Вељко Влаховиќ, Димката Ангелов Габерот, Максим Горки и Слога. Инвестиција вредна 76.522.535 денари.

 

 

  1. ДУП - населба Бел Камен.

 

Асфалтиравме повеќе улици во населбата Бел камен, на површина од 3600м2 и во должина од 650 метри, со поплочување на тротоари и комплетно осветлување на сите улици.  Вкупната вредност е во износ од 10.000.000 денари. Покрај ова, исто така се вршеше подигање на нови зелени површини како и хортикултурно уредување.

 

 

  1. Од Буџетот на Општината веќе се градат 3 улици кои ќе се завршат до 2023, и тоа новопробиени, улиците Лазо Асијата,Западен Булевар (коњски дупки) втора фаза и 25- Мај спој со ул. Ѓуро Ѓаковиќ. Со пробивање на Лазо Асијата  се отвара нова сообраќајница со која значително ќе се олесни движењето на сите возила и сообраќајниот метеж на ул. Методија Џунов Џиков. Со пробивање на Западен булевар (коњски дупки) минатата година се одвиваше првата фаза, сега втората, со која ќе се овозможи проширување на градот на запад-југ.25 Мај паралелна улица на ул.Шишка каде што ќе се растерети сообраќајот  за сите оние кои живеат во тој дел од градот.

 

  1. Грант од ТАВ програмата, проект кој опфаќаше комплетна нова водоводна линија во населбата Брушани, со инвестиција од 26.000.000 денари и плус 5.000.000 денари кои ги обезбеди Општината, и реконструкција на локалниот пат до село Дреново преку ТАВ програмата која опфаќа повеќе реконструкции во висина од 31.000.000денари.

 

  1. И оваа година работиме на подобрување односно реконструкција на патната инфраструктура во околните села во Кавадарци и тоа: Во Бохула, Ресава, Голеш ,Куманичево, Фариш, Раец, Крњево....

 

 

 

И покрај инвестирањето во реализацијата на мали и големи проекти, Општина Кавадарци располага со доволно финансиски средства за потребите на градот и за наредната година.Ова значи дека Општина Кавадарци е подготвена за сите идни планирани проекти, кои ќе му овозможат на градот и понатаму да го носи епитетот најуспешна општина.

 

 

-Би сакал да напоменам, дека иницијативата поднесена од претседателот на Советот на Општина Кавадарци д-р Стојанче Рамов која предвидува еднократна помош за сите првачиња за учебната 2022-2023 година беше изгласана, што значи дека секое запишано прваче доби 2000 денари еднократна помош на трансакциска сметка на еден од родителите. За оваа иницијатива од Буџетот на Општина Кавадарци беа издвоени 712.000 денари.

 

-Секоја година Општина Кавадарци за новороденчиња по претходно поднесено барање, од својот буџет издвојува 2.000.000 денари.

 

-Секоја година Општина Кавадарци издвојува од својот буџет финансиски средства во износ од 2.000.000 денари за сите граѓани кои имаат потреба од лекување и се од социјален ризик.

 

Сите останати проекти ќе можете да ги погледнете во електронската и печатената верзија на Отчетот за една година градоначалник.

 

На крајот, сакам да изразам голема благодарност до Советот на Општина Кавадарци за донесените одлуки, за досегашните и идни седници на кои единствено ќе расправаме за тоа што ние можеме да им дадеме на граѓаните, а не тие нам. До раководителите на сектори во Локалната самоуправа, до сите мои соработници, затоа што, да се води еден ваков град како нашиот, бара секојдневна активност, посветеност и огромна енергија. Благодарност до Јавните претпријатија и бизнис секторот за несебичната заложба за нашето Кавадарци.

Секако дека, без граѓаните, без нивната несебична помош и поддршка ова немаше да биде возможно.И затоа сакам да упатам голема благодарност до нив.

Благодарност до сите, кои и со само една капка, допринесоа Кавадарци да стане мирно море во кое заедно ќе пловиме безбедно и сигурно.

Град во кој се надевам младите ќе останат да живеат, да градат семејства и да напредуваат.

Ова е успех на сите нас!

Да ни е вечно нашето убаво Кавадарци!



Share

Додади коментар