Основниот буџет на Кавадарци е планиран на 311.735.000 денари
24-12-2014 РЕГИОН

Основниот општински буџет на Кавадарци за 2015 година во приходниот дел е планиран на износ од 311.735.000 денари и истиот се сотои од даночни приходи планирани на износ од 123.210.000 денари од кои данок на доход од добивка и капитална добивка е планиран на ниво од 7.700.000 денари. Реализацијата на овој приход се должи на пропишаните  законски рокови за регулирање на обврските од плата и зголемената фискална дисциплина. Даноците на имот се планирани на ниво од 41 милион денари, од кои 21,5 милиони денари данок на имот, данок на наследство и подарок во износ од 1милион и 200 илјади денари, данок на промент на недвижности во висина од 18,5 милиони денари.

Општината планира да обезбеди 64  милиони денари  од комунална такса за истакната фирма, такса која се плаќа при регистрација на возилата за користење на учици со патнички товарни и моторни возила, комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување, користење на простор пред деловни простории, користење на плоштадот  и друг простор во градот како и приходи од панаѓурот.

Неданочните приходи во буџетот се планирани на износ од 11.600.000 денари, а ќе се остваруваат од глоби, судски и административни такси, приходи од закупнина на општински имот.

Капиталните приходи се планирани на износ од 89.385.000 денари и тоа планирано е овој износ да се обезбеди од приходи со продажба на неизградено градежно земјиште, надомест за детални геолошки истражување, концесии за експлоатација на минерални суровини како и од надомест за утврдување на статус на бесправно изграден објект.

Трансферите и донациите се планирани на износ од 76.540.000 денари

Aнгел Данов



Share

Додади коментар