Осветена црквата посветена на Св. Петка во Кавадарци
18-10-2015 РЕГИОН

Кавадарци и кавадарчани денеска и официјално го добија новиот храм, црквата посветена на заштитничката на градот, Света Параскева Петка. Поглаварот на МПЦ, г.г Стефан од утринава чиночалствуваше со литургијата за осветување на храмот со сослужение на митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел, Митрополитот Дебарско-кичевски господин Тимотеј и Митрополитот Брегалнички господин Иларион.На чинот на осветување присуствуваа голем број верници од тиквешко, но и  од други градови во земјава. Ктиторите, „Фени индустри, Кожувчанка, Општина Кавадарци и Градба промет, добија ордени со Свети Климент од МПЦ за значајното дело кое им го подарија на Кавадарци и кавадрчани.

 

„Вистина е дека црквата денеска стана реалност и тоа било божја волја да биде така. Сметам дека Кавадарци ја заслужува оваа црква,  за која мислам дека е една од најубавите. Им поскакувам на сите граѓани, на градоначалникот , другите ктитори, во овој храм да го најдат својот спокој, својот мир. Се надевам дека ќе бидеме благословени од Света Параскева сите ние“ рече генералниот директор на „Фени“, Константинос Даскалакис.

 

Задоволен од успешно завршената мисија пред која беа исправени е и сопственикот на „Кожувчанка“ Мито Јанчев, кој денеска исто така доби орден од МПЦ.

„Meне како кавадарчанец и како еден од ктиторите во изградбата на црквата ме прави горд тоа што сум геерален менаџер на компанија со вработени кои покажаа неверојатна подршка за учество на „Кожувчанка“ во овој проект. Се гордеам со секој поединец што е дел од нашата компанија, на секој кавадарчанец што се инволвираше во изградбата  на ова велелепно верско издание и на сите оние кои ќе најдат мир во себе и на кои ќе им служи црквата Света Петка во иднина“ рече Јанчев.

На осветувањето на црквата присуствуваше и претседателот Ѓорѓе Иванов, министерот за финансии Зоран Ставрески и министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска.

 

“Храмовите се места каде верниците доаѓаат по својата вера, надеж и љубов. Се надевам дека овој храм на сите верници во Кавадарци и околината ќе им донесе многу радост, многу среќа и вербата во бога да ја чествуваат во сите тие настани кои ќе се одбележуват во црква“ рече Иванов.

 

Изградбата на храмот се одвиваше пет години. Се започна на 8 август 2010 година. Црквата е изѕидана од мариовски камен. Работеа мајстори кои имаат традиција и искуство во градењето со камен во старо византиски стил.

 

„Денеска уште еднаш во Кавадарци се победи злото со доброто. Она што цело време нас како ктитори,  како иницијатори ни лежеше на душа денеска ни олесна. Кавадарци ја доби оваа убавица. Покрај Св. Димитрија ја имаме и Св. Петка како наша заштитничка. Од самиот почеток на градба на оваа црква Кавадарци бележи успеси. И најмалиот верник сега е голем верник,  затоа што со секоја педа на оваа црква Кавадарци бележеше просперитет и денеска градот е на врвот на македонската економија. Оваа црква да биде место каде ќе се склучуваат многу бракови, место и клупи каде ќе се разменат многу бакнежи меѓу нашите млади и место кое ќе означи многу пород и зголемување   на наталитетот“ рече градоначалникот Александар Панов.

 

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар