По повод „18 Ноември- Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди“, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Кавадарци апелира до сите учесници во сообраќајот и надлежни институции да ја издигнат безбедноста на сообраќајот на патиштата на врвот на агендата на дејствување. Апелира до секој поединец – учесник во сообраќајот да покаже повисоко ниво на свест и одговорност во сообраќајот
Ги потсетува учесниците во сообраќајот дека сообраќајните незгоди не се случајни, туку се предизвикани од невнимателно и неодговорно учество во сообраќајот. Црната светска и домашна статистика покажува дека сообраќајните незгоди се причина за голем број на загубени човечки животи, голем број на загинати лица и уште поголем број на повредени лица со трајни телесни повреди, уништени семејства и огромни материјални загуби.
Според СЗО, годишно, во светот 1.3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се повредени. Тоа значи дека над 3.500 лица умираат дневно, како последица од сообраќајни незгоди, односно на секои 24 секунди, едно лице, – нечие дете, брат, сестра, родител, роднина, пријател.... го губи животот во сообраќајна незгода.
Според статистиката, во 2019 година , во Република Северна Македонија , 132 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 5164 лица се повредени.
Бројките се навистина загрижувачки, но не станува збор само за бројки, туку за човечки животи и семејни судбини. Патиштата сѐ повеќе наликуваат на бојно поле каде се случуваат трагедии без крај, се пролева многу крв и се испишуваат тажни семејни приказни...
Да кажеме стоп за смртта на патишта! Сега и веднаш! Време е секој да сфати дека сообраќајните незгоди не бираат време, место и личности. Сите сме потенцијални жртви! Многу човечки судбини денес ќе беа различни, многу семејства кои денес се обвиткани во црно, ќе беа посреќни и повесели, многу детски или родителски солзи немаше да се пролеат, доколку сите учесници во сообраќајот покажат повисоко ниво на свест, совест, дициплина и одговорност во сообраќајот. Во насока на одбележување на овој ден, сакаме да изразиме почит кон загинатите во сообраќајни несреќи , солидарност кон нивните семејства , но и да укажеме на опасностите во сообраќајот со цел да се подигне свеста кај граѓаните за фаталните последици од неодговорното однесување во сообраќајот. Црната слика на патиштата можеме да ја промениме само ако секој поединец, учесник во сообраќајот, го даде својот личен придонес за побезбеден сообраќај. Животот е патување кое треба да го исполниме со лубов и весела содржина.
Да го направиме секое патување вистинско доживување. Да ја смениме приказната на патиштата со среќен крај.Од нас зависи! Вози одговорно! Почитувај ја сообраќајната сигнализација, почитувај ги сообраќајните правила и прописи, почитувај го животот! За среќен крај на секое патување

Додади коментар