Организиран дочек на новата година на градскиот плоштад во Кавадарци - забава со локални бендови
04-12-2017 РЕГИОН

 

По пауза од една година, годинава повторно ќе има организиран дочек на новата година на градскиот плоштад во Кавадарци. Кавадаречкиот совет на последната седница ја прифати предложената програма за одбележување на новогодишните и божиќните празници.

 

Од општинскиот буџет ќе бидат издвоени 803.527 денари за програмата.

Како што се наведува во неа, во периодот пред нова година, во координација со основните училишта градоначалникот заедно со Дедо Мраз ќе дели новогодишни пакетчиња за децата од прво до петто одделение. Пакетчињата ќе се делат за време на новогодишните приредби во училиштата.

 

Новогодишни пакетчиња општината има планирано и за децата од социјално загрозените семејства кои не посетуваат настава, за децата од специјалната паралелка, децата кои се на болничко лекување, здружението на слепи лица и други загрозени семејства.

 

За најмладите по повод новогодишните празници ќе биде реализирана новогодишна детска претстава како и изложба на друштвото на ликовни уметници од Кавадарци.

 

Исто така во програмата е предвиден свечен новогодишен прием кај градоначалникот за претставници од јавниот приватниот и невладиниот сектор од градот и вработените во локалната самоуправа.

 

За дочекот на новата 2018 година на градскиот плоштад ќе биде организирана културно-забавна програма со настап на локални бендови, почетокот на новата година ќе биде означен со спектакуларен новогодишен огномет. Присутните на плоштадот ќе ги забавуваат бендовите Трилоџи, Лексикон и Бадасал, а за хумор ќе биде задолжен актерот Диме Коцевски.

 

На 8 јануари ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ ќе одржи божиќен концерт.

 

Минатата година Кавадарци ја откажа новогодишната прослава и парите предвидени во програмата беа пренаменети за хуманитарни активности.

 

А.Д

 



Share

Додади коментар