Општина Кавадарци и ХАБИТАТ Македонија со нов заеднички проект
03-10-2016 РЕГИОН

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов  и заменик директорот на ХАБИТАТ Македонија, Лилјана Алчева денеска потпишаа меморандум за соработка и реализација на уште еден заеднички проект. Покрај на реновирање на колективни станени згради за поголема енергетска ефикасност сега ќе се работи и на проект за изготвување на регистер на станбени колективни згради и на станбени заедници.

 

Градоначалникот Панов во изјавата за медиумите посочи дека сеуште е мал бројот на регистрирани станбени заедници во Кавадарци, но тоа е случај и во цела држава.

 

„ Да најавам дека уште една зграда е готова да финансираме 25% од сите елементи поврзани со енергетската ефикасност на таа зграда. Жалам  што не се пријавија повеќе,  меѓутоа сега бев информиран дека и зградата над здружението на пензионерите е во тек да се реализира. Локалната самоуправа заедно со Хабитат останува да помогне на тие станари и таа зграда да биде енергетски ефикасна. Се јавија и други кои што не бараат никаква помош ни од локалната самоуправа,  ниту од Хабитат, а тоа беше и една и од целите да поттикнеме колективни станбени згради а зошто не и индивидуални куќи да го направат тоа што за нив е доглогорочно исплатливо да имаат енергетски ефикасен објект а со тоа долгорочно да размислуваат и за својот буџет“ рече Панов и нагласи дека малиот број на формирани станбени заедници кој е под 50 отсто во земјава е доказ дека кај граѓаните не постоела воља за со-сопственост и заедничко  регулирање на сопственичките односи во една целина која се нарекува колективна станбена зграда.  

 

„Хабитат се во функција и на граѓаните и на локалната самоуправа да што подобро ги организираат,  да им направат одредени тренинзи,  тие како заедници на станари да бидат што поблиску до одредени грантови и решавање на заедничките потреби на сите станари“ додаде Панов.

 

Хабитат Македонија со потпишувањето на меморандумот за соработка со Кавадарци денеска го одбележуваат и светкиот ХАБИТАТ ден на домувањето – рече заменик директорот на ХАБИТАТ Македонија, Лилјана Алчева.

 

„Енергетската ефикасност,  поготово во колективните станбени згради овозможува заштеда на енергија од 30-40 отсто, ако се направат сите мерки за енергетска ефикасност и ако се смени однесувањето на граѓаните, така да ова предизвикува голем интерес. Во соработка со општина  Кавадарци работиме на енергетска ефикасност на колективните згради и верувам дека станарите таму каде е завршено ги чувствуваат благодетите од енергетската ефикасност или пак во оваа грејна сезона ќе можат да почувствуваат заштеда во домашниот буџет.“ рече Алчева и го најави подготвувањето на регистер на станбени згради и регистер на управители .

„Ова според законот за домување е обврска на локалната самоуправа и сега со ХАБИТАТ  ќе бие направен еден вид попис на сите стамбени коелктивни згради на територија на општина  Кавадарци. Според досегашните податоци има 180 згради. Ќе видиме дали таа бројка е точна, а  ќе видиме и каква е формата на управување во овие станбени згради. Очекуваме оваа акција да трае околу еден месец и потоа ќе направиме промоција на регистрите“ нагласи Лилјана Алчева, заменик директор на Хабитат Македонија.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар