Со 30 отсто од вредноста општина Кавадарци ќе го подржува поставувањето на термо изолациони фасади на зградите за колективно домување како дел од мерките за енергетска ефикасност.
Ваква одлука едногласно, донесе кавадаречкиот совет на последната седница.
Финансиски средства од предвидената општинска поддршка ќе бидат исплатени за секое барање кое ќе биде одобрено, а поднесено од заедницата на станари или од мнозинството сопственици на посебните делови од станбената зграда, поднесувач на барањето.
Како што се наведува во одлуката , изборот на корисниците на субвенциите и начинот на доделување на финансиските средства ќе се врши согласно претходно објавен јавен повик за прибирање на барања за поддршка на мерки за енергетска ефикасност.
Трансферот на парите ќе се врши врз основа на изготвен правилник за условите кои треба да се исполнат од апликантите за поддршка на мерките за енергетска ефикасност, а висината на годишните средства што ги дава општината ќе се одредува врз основа на годишната програма за развој на општината и буџетот.
И во изминатите години општина Кавадарци ги помагаше мерките за енергетска ефикасност во станбени згради кои добија термо фасади, а беа променети и вратите и прозорците.
A.Д
Додади коментар