Сите граѓани на општина Кавадарци, обврзници на данок на имот кои и должат на општината по овој основ ќе се соочат со присилна наплата на долгот, се огласија од локалната самоуправа.
Преку соопштение се информираат граѓаните дека започнува постапка за присилна наплата на целокупниот долг.
„За таа цел на огласната табла во влезот на зградата на Општината, како и на ВЕБ страницата на општината (kavadarci.gov.mk) е истакнат список со имињата на должниците, како и износот на долгот кој треба да го подмират. Се известуваат граѓаните дека од денот на објавувањето на списокот имаат период од 8 дена да го подмират долгот, во спротивно, општината ќе пристапи кон спроведување на законските одредби за наплата на долгот“ се наведува во соопштението.
Од локалната самоуправа исто така информираат дека во меѓувреме се доставуваат и решенијата за данок на имот за 2014 година и дека парите што се слеват во општинската каса се користат за финансирање на комуналната изградба.
Општината потсетува и на законската обврска на граѓаните за подмирување на стариот заостанат долг на име на куќарина.
„Плаќањето данок на имот е должност на секој граѓанин но во исто време и придонес на поединецот во иднината на неговата општина. Платете го вашиот данок навреме, нашата општина Кавадарци ќе ви биде благодарна. Ќе добиете поубави улци, подобро осветление, место за изградба на фабрики и отворање на нови работни места, поубави и посовремени училишта, гостување на познати уметници, музичари рок групи, а пензионерите поубави простори за рекреација и понормален живот“ велат од локалната самоуправа.
A.Д

Додади коментар