Одложено рочиштето за стечај на Скијачкиот центар Кожув
08-11-2017 РЕГИОН

 

Доверителите прифатиле да се согледаат можностите за реорганизација на Скијачкиот центар Кожув. Денеска во велешкиот суд беше одложено судското рочиште за стечајната постапка против компанијата.

 

Поранешниот извршен директор, Ангел Наков вели дека е добро тоа што засега нема ликвидација за ски центарот и е оптимист дека центарот ќе се реорганизира и реактивира.

 

„Изградбата на најперспективниот туристички локалитет на Балканот која што започна во 2007 година, на извонреден начин од необјасниви причини беше стопирана на неколку нивоа. Општина Кавадарци тогаш престана да издава градежни дозволи без образложение. Снабдувањето со електрична енергија беше прекинато поради наводен долг од неколку илјади евра и покрај фактот што компанијата вложи 2 милиона евра во 13 километарски најсовремен двоен подземен далновод и три трафостаници кои ги подари на електромрежата. Новоизградениот регионален пат вреден 8 милиони евра инвестиција не дојде никој свечено да го отвори, а само после четири месеци од пуштањето беше затворен за сообраќај сè до денес. Не само тоа, туку овој капитален јавен објект беше оставен на милост и немилост на природата, со што дојде до огромни штети. Неколку странски инвеститори како АМГ од Дубаи, Алпен алијанс од Австрија, АПАИ од Австралија, буквално беа натерани да се откажат од нивните намери да инвестираат во овој проект“, објаснува  Наков и додава дека стечајната постапка била покрената во мај 2016 година од поранешни вработени поради неисплатени плати.

 

„ Излезе на виделина, фрапантната вистина дека поранешната Влада на Република Македонија, на Кожуф планина одлучила да издаде пет концесии за експлоатација на злато. Регионалниот пат бил буквално во средината на едната концесија. Ски центарот дојде како чир помеѓу двете концесии Коњско и Гладница. Со проектот требаше да се исече целокупниот шумски фонд на Кожуф , да се изградат рудници со отворен коп, секој со по две до три илјади хектари површина, да се зафатат сите изворски води на Коњска река, Дошница, Лукар. Сè на сè, Ски центарот требало да го снема. Има основани сомневања за намерно предизвикување стечај од група луѓе чело со високо рангирани владини функционери од претходната Влада, поради што поголем број од странските доверители ќе покренат и кривични постапки против истите. Имајќи предвид дека со референдумот во Гевгелија е спречено отварањето на дел од овие рудници, акционерите на компанијата, банките и големите доверители преку план за реорганизација ќе го рестартираат овој проект од огромно значење за Македонскиот туризам и економија“, објаснува Наков.



Share

Додади коментар