Ваташани и кавадарчани денеска им се поклонија на 12 сте ваташки младинци.
На споменикот во Моклиште, кој сведочи за големиот масакар кој го изврши бугарскиот фашистички окупатор на 16 јуни 1943 година свежо цвеќе положија семејствата на загинатите, пратеници, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, советници во кавадаречкиот совет, претставници на политичките партии, сојузот на борци, претставници на АРМ од гарнизон Криволак, моторџиите од „Тиквеш рајдерс“ и навивачката група „Лозари-исток“.
И после 75 години болката за загинувањето сеуште е присутна. Роднини на загинатите и денеска со многу емоции и солзи положија цвеќе на споменикот.
Во рамки на одбележувањето на годишнината, навивачите од навивачката група лозари поставија транспарент на кој пишуваше „крвопис е и Ваташа“и запалија 12 бакли во чест на загинатите младинци.
Учениците од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ Ваташа ја изведоа македонската химна, а потоа следеше историски час за делото на младинците кои ги положија животите во темелите на денешната слобода.
Кустот-историчарот Марија Михова се осврна на делувањето на младинците, а го опиша и злоделото кое го извршија тогашните фашистите.
Бугарски фашистичкиот окупатор, имајќи сознанија за активности на партиската организација во Ваташа, презел низа мерки за да го спречи тоа движење. Со зголемени полициски и воени сили, започнал страшен терор во селото. Уапсени биле и младинците. Поручникот Костов им рекол:"Ајде сега да ни го покажете патот по кој требаше да одите во партизани". Младинките оделе десетина метри по нивните другари. Околу 13 часот по пеколна горештина, пристигнале во месноста „Дулово долче". Блокадата од селото веќе била повлечена, а стрелачкиот вод запрел кај лаките во близина на реката Луда Мара.
Младинците застанале под сенката на едно големо дрво, но окупаторските војници се наредиле во полукруг околу нив со митролези и пушки на готовс, а поручникот Костов тогаш наредил: „Наредете се еден до друг за да ве фотографираме". Девојчињата се наоѓале на десната страна од младинците.
Поручникот Костов се обидел да ги припои кон младинците, но полицискиот началник Опреков му се спротивставил дека тоа што тој го прави, не е наведено во наредбата. Тогаш Костов отишол кон своите војници и гласно изговорил:"Насекаде каде шт дам, наидувам на кукавици, потсети Марија Михова, историчар при кавадаречкиот музеј.
Во меѓувреме, највозрасниот од младинците насетувајќи дека нешто лошо се подготвува, наеднаш започнал да трча кон реката Луда Мара и се обидел да избега кон капините. По него тргнале и Диме Чекоров и Герасим Матаков. Костов иако на почетокот бил изненаден од смелоста на младинците, веднаш им издал наредба на војниците да стрелаат. Тогаш започнала стравична пукотница.
-Лесно погоден, Васо Хаџи Јорданов успеал дури да извика: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре". Тој за момент застанал погоден од еден куршум, но продолжил да се засолнува. Сето тоа се случувало како во сон. Останатите младинци погодени од рафалите на пушкомитралезот и куршумите од пушките, паѓале како покосено класје еден до друг. Оние кои сеуште покажувале знаци на живот, биле убивани. Насекаде во воздухот, се чувствувал силен мирис на барут, а неговиот чад го прекрил чистото јунско небо. Нозете веќе им биле непослушни на девојките и биле принудени да седнат на земјата, одбегнувајќи да ја гледаат страшната глетка. Еден бугарски војник отишол кон нив и започнал да им ги дига главите викајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте", додаде Михова.
Потоа следувало она најстрашното. Војниците како по заповед, ги извадиле бајонетите и да бидат сигурни дека успешно ја завршиле работата, започнале со нив да ги бодат телата на оние младинци кои сеуште покажувале знаци на живот. Но тоа не било се, војниците по извршениот масакр започнале да им пребаруваат по џебовите, а на неколкумина им ги одзеле часовниците од рацете.
За масакрот во Ваташа, пишува во „Билтен" на Грнералниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија од септември 1943 година, каде меѓу другото стои:"Тие се изрешетани со куршуми од митролези, па се после исечени и избодени, на некои им се вадени очите и сечени рацете. Младинките се стуткуваат една кон друга, а Костов со шмајзер и револвер, на кој сеуште му чади цевката, им се заканува. Гледајте и вас ќе ве снајде истото".
Откако му реферирале за успешно извршената задача, полковникот Апостолов кој раководел со акцијата, искажал големо задоволство и рекол:"Тоа е тоа, страшни момчиња имам".
Градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека злосторот во Ваташа сведочи за едно тешко минато време, но и за храброста на младинците.
Учениците од Ваташа изведоа рецитал за 12 сте младинци, а химната на Ваташа, како што ја нарекуваат ваташани, Ми заплакало селото Ваташа ја исполни естрадната уметничка Катерина Танева, која потекнува од ова село.
Годинава спомен паркот во Моклиште каде е споменикот на ваташките младинци е целосно хортикултурно и партерно преуреден.
Aнгел Данов
видео од преносот во живо на фејсбук страната на КТВ
Додади коментар