Одбележана 25 годишнината од убиството на Сашко Гешовски
06-05-2016 РЕГИОН

Единствено, Сојузот на борци од Кавадарци,  претставници на АРМ од Гарнизон Криволак и двајца младинци од Кавадарци денеска се сетија да му оддадат почит на кавадарчанецот, кој пред 25 години загина како војник на ЈНА. Денеска тие го посетија вечното почивалиште на Сашко Гешовски и положија свежо цвеќе.

 

Сашко Гешовски е роден на 31 октомври 1971 година, како второ дете на Гоце и Цвета Гешовски. Веднаш по завршувањето на средното образование, со 18 години  заминува на отслужување на воениот рок во тогашната ЈНА. Како војник бил распореден во Воено поморската област во Сплит.

На 5 мај 1991 година се случуваат големи демонстрации во Сплит на кои се барало отцепување на  Хрватска од Југославија. Наредниот ден, на 6 мај демонстрациите преминуваат во вооружен судир, кога Сашко е погоден од  четири смртни истрели. Остана мистерија кој го уби војникот Гешовски.

 

Во тој критичен момент, Сашко како припадник на воената полиција имал  задача да ја обезбедува зградата на Воено-поморската област во Сплит. Неговата смрт ја потресе цела држава, а посебно неговиот роден град Кавадари, каде на 7 мај 1991 година во негова чест е одржан огромен протестен митинг на кој присуствуваше речиси целото население од градот и околните населени места.

На неговиот погреб присуствуваа над 20 илјади граѓани, кои дојдоа од сите краишта на тогашна Југославија да го испратат Гешовски до вечното почивалиште, како прва жртва од конфликтот за распад на СФРЈ.

 

„Тоа утро на враќaње од ноќна смена во станицата на милиција, поминав до пошта. Му пуштив на Сашко 50 динари ли, илјади ли, не помнам веќе, но знам дека беа пристојни пари, да има за пат ако реши да си доаѓа. Дојдов дома, легнав, по некое време заѕвони телефонот. Од таа страна на линијата зет ми зборуваше нешто испрекинато. Спомена Задар, Сашко, убиен, има на телевизија... Како во бунило се стрчав до телевизорот, на екранот се појави новинарката Сузана Калањ... запомнив само ’...у рушилачким демонстрацијама у Сплиту погинуо је војник Сашко Гешовски из Кавадарца...‘ И тогаш се' се урна“.- се сеќава таткото на Сашко, Гoце Гешовски.

Ангел Данов



Share

Додади коментар