Со полагање на цвеќе на спомен бистата во дворот на училиштето и со културно уметничка програма вработените и учениците во СОЗШУ „Ѓорче Петров“ го одбележаа патрониот празник на училиштето и 63 години од основањето.
На свеченоста присуствуваа претставници од локалната самоуправа, пензионирани професори кои работеле во училиштето, директори на училишта и останати претставници на општествено политичкиот живот во општината. Присутни беа и претставници од збратименото училиште од Александровац - Србија и од училиштето од Сурдулица, со кое соработува кавадаречкото училиште.
За работењето на училиштето и постигнатите резултати говореше директорот, Горан Велковски, кој нагласи дека активно се подобруваат условите за настава.
Беа доделени и јубилејни награди за вработените. За 20 години континуирана работа во училиштето награди добија професорите, Лилјана Георгиева, Стефан Ацев и Бранка Рамова, а за 30 години професорите Ќиро Спиров и Бошко Настов.
Награди беа доделени и на повеќе ученици кои во изминатото се истакнале во текот на наставниот процес.
Директорот на збратименото училиште од Александровац, Бранко Рајчиќ во поздравното обраќање рече дека тие имаат браќа и сестри во Кавадарци, а учениците и вработените од Кавадарци, браќа и сестри во Александровац.
Учениците по повод патрониот празник изведоа и културно уметничка програма.
A.Д
Додади коментар