Од утре нови рестриктивни мерки - полициски час од 20 часот, од среда се затвораат угостителските објекти
Oд утре на сила стапуваат нови рестриктивни мерки. Полицискиот час наместо од 22 ќе започнува во 20 часот. Се затвораат сите угостителски објекти во земјава, a се воведуваат и други рестриктивни мерки - информираше денеска премиерот Зоран Заев.
 
 
“Британскиот сој на корона вирус зема се поголем замав. Постои сериозно оптоварување на здравствениот систем. Здравствените работници се борат за секој живот. Но се помалку се почитуваат мерките за заштита“ рече на прес конференција премиерот Зоран Заев и најави засилени инспекциски и полициски контроли.
 
 
Апелираше до сите граѓани да не се групираат и да ги почитуваат рестриктивните и превентивните мерки.
 
 
 
 
1. Забрана и посебен режим на движење во временски период од 20 часот до 5 часот наредниот ден, почнувајќи од 06.04. 2021 до 20.04.2021 година.
 
2. На граѓаните кои извршиле вакцинација во центрите за вакцина за временскиот период пред почнување на забраната и посебниот режим на движење им се дозволува враќање во нивните живеалиште или престојувалишта врз основа на потврда за вакцинација.
 
3. Целосна забрана за посетители/гости во сите угостителски објекти и други кои даваат угостителски услуги, како и во делот за храна на хотели, мотели и пансиони, а оние објекти кои вршат подготовка на храна може да вршат продажба алтернативно, на пример онлајн и сите да вршат достава или да има самостојно подигнување на нарачката преку штанд почнувајќи од 07 до 20 април 2021 година.
Исклучок од ова се аеродромите во Скопје и Охрид, како и деловите за храна во објектите за сместување од лица сместени таму.
 
4. Целосна забрана за посетители во сите обложувалници. Нивната работа да биде овозможена исклучиво на штанд, пункт или пулт почнувајќи од 07.04. 2021 до 20.04.2021 година.
 
5. Целосна забрана за посетители/гости во сите спортски центри и клубови наменети за вежбање почнувајќи од 06.04.2021 до 20.04.2021 година.
 
 
6. Се забранува организирање и присуство/учество на секаков вид конференции, семинари и курсеви, но и други настани од ваков вид од 06.04.2021 до 20.04.2021 година.
 
7. На земјоделците им се овозможува движење до пазарите, до нивите и слично, врз основа на потврда за движење.
 
8. За време на посебниот режим на движење, сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и имаат домашно милениче куче, може од 22 часот до 23 часот да го изнесат најмногу до сто метри од објектот во кој живеат.
 
 
9. Останува на сила мерката за групирање на повеќе од 4 граѓани.
 
 

Министерот за здравство Венко Филипче објасни дека формата на болеста е различна од онаа од ноември, и сега има повеќе хоспитализирани случаи, а исто така и вирусот има некоја форма, која, како што вели, досега не е видена.

 

„Се соочуваме со бран кој што е предизвикан од мутација, која е различна од вирусот и бранот од ноември. Имаме голем број на пациенти кои се хоспитализирани во болниците, лекувањето трае нешто подолго од претходно, и тоа создава дополнителен товар за сите здравствени установи и работници. Сегашните мерки кои беа на сила не дозволија раст, сепак, е огромна бројката на новодијагностицирани, огромен број на хоспитализирани, иако тоа со динамика се акумулира, и сметаме дека празниците може дополнително да ја комплицираат ситуацијата, и не сакаме да дозволиме во продолжение да се случи уште едно оптоварување на здравствениот систем, вероајтно тешко тогаш би можеле да го менаџариме и затоа се овие мерки “ рече Филипче.  


А.Д

 



Share

Додади коментар