Две илјади денари месечно ќе се плаќа за тезга без фрижидер и 3000 денари за тезга со фрижидер на новиот зелен пазар кој од утре и официјално ќе биде ставен во функција. Вака гласи одлуката за определување на надоместокот за користење на пазаришен простор која со 9 гласа „за“ 6 „против“ и 2 „воздржани“ денеска во рамки на втората вонредна седница ја усвои кавадаречкиот совет.
Власта и опозицијата во советот со спротивставени ставови во однос на оваа одлука, со која има минимално покачување од 300 денари на цените за користење на пазарските тезги, но и по однос на оправданоста од одржување на вонредна седница за разгледување на оваа одлука.
Советниците од владеачкото мнозинство во советот во своите дискусии нагласија дека утрешното отворање на новиот пазар во Кавадарци е од големо значење за сите граѓани и дека треба да биде празник за градот. Рекоа дека има минимално покачување на надоместокот за користење на тезги, но пазарџиите добиваат далеку подобри услови од претходно и сега тезгата од 1,8 м е зголемена на 2 метри.
И советниците од опозицијата во своите дискусии нагласија дека новиот пазар има големо значење за кавадарчани, но дека требало на редовна седница да се дискутира околу надоместокот за користење на пазаришниот простор, бидејќи во време на криза не било добро да има покачување на надоместокот и дека во Кавадарци нема традиција пазарот да работи шест дена во неделата, бидејќи најголем дел од пазарџиите оделе да продаваат и на пазарите во околните општини. Забележаа и на намалениот број на тезги за околу половина, од претходниот капацитет.
За изградба на новиот пазар општината подигна кредит и изградбата чинеше 102 милиони денари. Се простира на површина од 2100 м2. Има две подземни паркинг нивоа, тезги опремени по хасап стандарди, лифтови за достава на стока.
На денешната вонредна седница советот ги донесе и измените и дополнувањата на одлуката за зонско паркирање. Пазарџиите ќе можат да го користат паркинг просторот кај поранешниот ан, по повластена цена. Паркирањето до 22 часот ќе биде по редовни тарифи, а бесплатно ќе се паркира во недела.
Советот денеска ја одржа и третата вонредна седница на која едногласно советот даде согласност спортската сала „Јасмин“ да се отстапи на коритстење на одбојкарската федерација од 7 до 10 април за одбојкарскиот куп.
A.Д
Додади коментар