Традиционалниот есенски панаѓур во Кавадарци започнува од утре. Заклучно со денешниот ден во локалната самоуправа пријавени се околу 350 излагачи, најголем дел од нив се продавачи на тектилни производи, информираа од општината. На последната седница на советот беше променет терминот на одржување на панаѓурот, наместо на 14, 15 и 16 октомври со новата одлука панаѓурот ќе се одржува секоја година во втората половина на октомври.
Локацијата и годинава останува непроменета. Штандовите на излагачите на панаѓурот се сместени на булеварот „Никола Минчев“ поранешен „Едвард Кардењ“ на потегот од кружниот тек кај новата автобуска станица, до спојот на булевартор со регионалниот пат „Северен Булевар“-обиколница.
Од општината соопштија дека булеварот „Никола Минчев“ како и булеварот „Македонија“ од спојот со ул. „Орце Николов“до булеварот „Цветан Димов“ ќе бидат целосно затворени за сообраќај, од утре до недела.
Од кавадаречката полиција денеска се огласија со апел до граѓаните, за време на панаѓурот да покажат поголема грижа за својот имот, личната безбедност и безбедноста на останатите граѓани.
“За време на манифестацијата да се воздржат сите граѓани-возачи од управувањето на моторните возила под дејство на алкохол и од други девијантни и незаконити однесувања, а да ги почитуваат и одредбите од законот за јавна чистота“ апелира полицијата.
А.Д
Додади коментар