Возачите од денеска имаат задолжителна обврска за носење зимска опрема во возилата. За возачите на автомобили, џипови и лесни камиони е задолжително носење зимски гуми и синџири, а за возачите на автобуси и на тешки камиони и лопата ако на погонските тркала не може да се постават синџири за снег.
Санкционирањето во претстојната зимска сезона ќе биде согласно постојниот правилник за зимска опрема во автомобилите, со кој се пропишува казна од 15 евра. Со новиот закон за безбедност во патниот сообраќај чија подготовка е во тек, според најавите, се предвидени казни од 45 евра за неносење зимска опрема.
Член 404 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува дека моторните возила и работните машини кога учествуваат во сообраќај на пат надвор од населено место, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема. Полицискиот службеник ќе нареди на возачот да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Наредба за прекин на движење полицаецот може да даде и ако не постои таков сообраќаен знак ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема. На возачите кои постапуваат спротивно од овие одредни ќе им се изрекува глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност, во мандатна постапка, пропишува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
При контролите од денеска полицијата ќе проверува дали возилото поседува зимска опрема односно дали шарите на гумите се со најмалку 4 милиметри длабочина.
Обврската за задолжителната зимска опрема трае до 15 март следната година.

Додади коментар