Вчера околу 11.30 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека во Црна Река кај с.Шивец, кавадаречко, било пронајдено удавено лице. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци, Јавен обвинител и лекар од ЈЗУ Општа болница. При увидот било утврдено дека се работи за лицето Г.М.(74) од с.Шивец, а на телото не биле пронајдени траги на насилство. По преземени мерки, било констатирано дека, претходно, во семејниот дом Г.М., по вербална расправија, со остар и тврд предмет ја нападнал неговата сопруга М.М.(84), по што заминал од дома. Се работи на целосно расчистување на случајот - информираат од СВР Велес.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци заедно со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи, изврши увид во куќа во село Шивец каде беше пронајдена жена на возраст од 84 години со тешки телесни повреди - соопштија од Јавното обвинителство.
„ Според првичните сознанија, повредите ги направил нејзиниот 73 – годишен сопруг, користејќи секира и други опасни орудија. По извршеното дело, тој заминал од куќата и фрлајќи се во водите на Црна Река си го одземал животот. Според првичните сознанија на обвинителството, сега починатиот со години се грижел за сопругата која била со многу нарушено здравје. Во изминативе неколку недели се влошила и здравствената состојба на сега починатиот, по што тој посегнал по животот на оштетената, но и по сопствениот“ велат од обвинителството и додаваат дека жената била во животно загрозувачка состојба и се наоѓа на скопските клиники на натамошно лекување.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издаде наредби за обезбедување и прибирање траги од лице место, папиларни линии и предмети кои ќе бидат предмет на натамошно вештачење, а во насока на утврдување факти во предметот.
Исто така во текот на вчерашниот ден околу 11.00 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека во болницата во Кавадарци со тешки телесни повреди бил донесен В.П.(42) од Кавадарци, кој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика во кавадаречко. Бил извршен увид на местото на настанот од екипа на ОВР Кавадарци, а за настанот бил известен и трудов инспектор.

Додади коментар