Од 1 јуни Македонија влегува во ерата на дигитализација. Аналогниот телевизиски сигнал на 31 мај ќе биде исклучен. Телевизија КТВ прераснува во регионална телевизија. Ќе го покрива вардарскиот регион.
Македонија е единствена држава во регионот што ќе го исклучи аналогниот сигнал и започнува ера на дигитализација. Граѓаните кои не се поврзани на кабелска телевизија или на другите оператори кои нудат телевизиска услуга ќе мора да купат т.н сет ап боксови за да можат да ја следат програмата на телевизиите.
„Единствени сме во регионот што го исклучува аналогниот сигнал и им овозможува на граѓаните да имаат поквалитетна слика, повеќе содржини. Со оваа платформа се овозможува и креирање на нови работни места, се овозможува и подобрување на овој медиумски сектор каде граѓаните ќе добиваат поквалитетна слика, но од друга страна и медиумите ќе може да презентираат повеќе содржини кои им се достапни со оваа нова технологија“ рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Телекомуникацискиот оператор ОНЕ ги прави последните тестирања за дигитализација на сигналот, кој од сабота од аналоген ќе премине во дигитален. ОНЕ пушти тестинг сигнал во четири региони, а до денес на дигиталната платформа се поврзани пет национални телевизии и една регионална. ОНЕ ги повикува сите регионални телевизии за што побрзо да го завршат техничкиот процес на вклучување на дигиталната платформа.
„Ги направивме сите подготовки за дигиталниот сигнал да може да се емитува. Технички сме комплетно подготвени, во регионите каде што дигиталните фрекфренции веќе се слободни сигналот е пуштен пробно. Ги правиме последните тестирања за да ги емитуваме дигитално телевизиите кои склучуваат договор со ОНЕ, изјави Цирил Кафол, главен извршен директор на ОНЕ.
Агенцијата за електронски комуникации ќе го контролира квалитетот на сигналот, а граѓаните, сите проблеми и приговори во однос на сигналот ќе може да ги пријават на бесплатниот телефонски број 190. Директорот на АЕК, Роберт Ордановски изјави дека процесот на дигитализација се заврши во предвидениот рок и за помалку од седум месеци имаме дигитален сигнал.
„Од 1 јуни влегуваме во нова ера на дигитален радио-дифузен сигнал.Тоа за крајниот корисник значи дека со новиот сигнал кој е отпорен на секакви влијанија, добиваме екстремно добар квалитет и сите можности што ги содржи дигиталниот сигнал се содржани како снимање и премотување. Во Скопје ќе се добијат 15-на телевизии бесплатно и во секој регион освен петте национални и регионалните ќе се добиваат бесплатно, изјави Орданоски.

Додади коментар