Во рамки на одбележување на општинскиот празник 8 Ноември, општина Неготино ја објави празничната програма. Имено, прославата ќе започне на 6 ноември со низа настани.
Во рамки на празникот, во општинската сала градоначалникот ќе ги додели ваучерите за новородени дечиња, ќе се доделуваат награди за квизот за противпожарна заштита, а ќе се стават во функција новоизградени и реконструирани објекти. Во Музејот на град Неготино ќе се промовира Зборник на политички затвореници, ќе се одржи и изложба на ликовни уметници од Неготино како и литературно читење кое е во организација на Локалната библиотека „ Страшо Пинџур “. Во рамки на спортските активности, во салата на СОУ „ Св. Кирил и Методиј “ ќе се одигра натпревар во мал фудбал помеѓу општина Неготино и општина Кавадарци а за истиот ден предвидено е да се одржи и традиционалната осмоноемвриска трка.
Централниот настан по повод празникот, односно свечената седница на Советот на општина Неготино ќе се одржи во петок, 7 ноември во Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ со почеток од 12 часот по кој ќе следува и концерт на класична музика во изведба на Кристина Палија. Во рамки на овој ден ќе се одржи и традиционалната изложба на олд тајмери, ќе се положува цвеќе на бистите на борците од НОБ поставени пред Собранието на општина Неготино.
На 8 ноември, во сабота предвидени се да се одржат следните настани: традиционалната осмоноемвриска планинарска тура, осмоноемврискиот турнир во табла како и одржување на риболовен натпревар. Во рамки на спортските активности, во огранизација на Здружението на слепи лица и општина Неготино ќе се одржат регионалните игри во „ Гол Бал“ како и ревијален турнир во одбојка во женска конкуренција.
Маја Алексовска
Додади коментар