Околу 800 дечиња од Кавадарци и Тиквешијата ја почувствуваа новогодишната магија во дворот на Дедо Мраз во Кавадарци. Семејството Вареловски и годинава направија новогодишна бајка во сопствениот двор украсувајќи го со илјадници новогодишни светилки и украси.
„Радоста за нас е голема. Секоја нова година сме среќни што можеме да ги израдуваме најмладите и да се дружиме со нив. Целото семејство е вклучено во оваа новогодишна бајка“ вели Ѓорѓи Вареловски кој во изминатите 22 години е кавадаречкиот Дедо Мраз, а неговиот двор место за радост и уживање на најмладите.
И годинава Дедо Мраз им дели новогодишни пакетчиња, но за разлика од претходните години сега симболично се наплаќа новогодишното пакетче.
„Од собраните средства ќе донираме за најзагрозените. Ќе го посетам мал групен дом во Кавадарци и ќе донирам за дечињата кои се сместени таму, а новогодишни пакетчиња ќе доделам и за дечињата на детско одделение во кавадаречката болница. Исто така дополнително прехрнбени пакети ќе донирам и за неколку социјално загрозени семејства“ ни изјави Вареловски.
Сите кои сакаат да го посетат дворот на Дедо Мраз во Кавадарци можат тоа да го направат од 17 до 20 часот секој ден се до крај на јануари. Во целост се почитуваат препораките од здравствените власти за заштита од корона вирус.
Aнгел Данов
Додади коментар