Околу 5 илјади работни места носат во Кавадарци две крупни странски инвестиции, фабриките “Дрекслмаер” и “Кофикаб”. Досега се реализирани речиси 3 илјади работни места во првата од нив. Ова го изјави вицепремиерот Зоран Ставрески на трибина во Кавадарци.
-Десетици странски инвестиции во Република Македонија со десетици илјади вработувања се резултат на заложбите на македонската Влада за привлекување на инвеститори од странство. Таквите инвестиции ги има во сите региони од државата-рече тој.
Додаде дека во програмата “ во оваа фаза се предвидени разговори уште со детсетина петнаесет инвеститорикои во текот на 2014 година кои исто така ќе решат да инвестираат во Република Македонија”.
-А тоа е нашата цел, подобрување на животот на граѓаните, категоричен беше вицепремиерот.
Ставрески потсети дека оваа Влада во изминатите неколку години реализираше бројни проекти во сите сфери на живеење а се со единствена цел да се подобри животот на граѓаните. Нагласи дека Македонија остави зад себе уште една успешна година за разлика од многу други земји кои се бореа со рецесија. Укажа на добрата поставеност на главните економски политики и партнерскиот однос како со компаниите, работодавачите и синдикатите, така и со земјоделците. Ги спомена мерките на Владата кои му помогнаа на стопанството полесно да се справи со кризата. Рече дека единствено во земјава не беа зголемени даноците во изминатите неколку години кои и понатаму остануваат најниски во Европа. Се задржа на предвидените инвестиции финансирани од републичкиот буџет за оваа година. Спомена дека 140 милиони евра се наменети за македонските земјоделци. Продолжува силната поддршка во земјоделството.
-Тоа покажува дека станува збор за Влада која никогаш нема да ги напушти земјоделите и нема да штеди на земјоделците. Ќе се штеди на друго, таму каде што може и треба, но не и во земјоделството, дециден беше Ставрески.
Зборувајќи за се она што е направено во образованието, вицепремиерот најави дека “е планирано со учебната 2014/2015 година да се изврши корекција и усогласување на учебниците што се користат од прво до петто одделение со содржини кои се користат во Велика Британија како земја со еден од најнапредните образовни процеси”.
Тој рече дека соработката со локалната власт во Кавадарци е одлична и се настојува да се решаваат и приоритетни прашања од локалниот економски рзвој како што е решавањето на проблемот со водоснабдувањето на кавадарчани. Договорена е изградба на нова детска градинка во Кавадарци за што веќе се обезбедени и 420 илјади евра.
На трибината свое обраќање имаа и неколку министри.
Министерот за здравство Никола Тодоров во своето обраќање до многубројните присутни рече дека здравството е една од областите на која Владата има ставено посебен фокус.
-Станува збор за витален сегмент кој е значаен за квалитетот на живот во една држава а кој пред да дојде оваа Влада беше неоправдано запуштен. Наследивме руинирани болници и стара и амортизирана опрема, недостаток од лекови и медицински помагала, систем во распаѓање. Затоа реализиравме многу проекти, подвлече Тодоров.
Бидејќи 1.227 населени места немаат доктор а порано имале, одлучено е да се спроведе проект со кој ќе се вработат стотина медицински тимови кои ќе бидат распоредени во тие места.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска рече дека од 2006 година наваму борбата против корупцијата и криминалот е постојана. Таа меѓу другото се осврна и на превентивното делување на полицијата.
Зоран Коњановски, од позиција на заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство говореше за мерките за унапредување на земјоделството и позитивните ефекти од нив. Потсети дека од 2006 година до сега поддршката за земјоделците се зголеми од 20 на 140 милиони евра.
Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов се заблагодари на премиерот и Владата во Република Македонија за решавањето на проблемот со немањето доволно вода за пиење во Кавадарци. Тој се осврна на сите проекти кои општината ги имаше и ќе ги има со поддршка на Владата.
Кавадарчани им поставија бројни прашања на гостите од најразлични области.
Претходно трибина беше одржана и во Градско.
С.Д.

Додади коментар