Винарската визба „Повардарие“ треба да го исплати долгот кон лозарите до денар, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски -пренесува МИА.
Тој информира дека Инспекторатот утврдил дека „Повардарие“ има залихи на вино. Со нивната продажба, рече министерот, лозарите ќе бидат исплатени.
- Во наредните денови ќе правиме притисок за целосна, брза исплата на секој лозар. Сериозно сме фокусирани на ова прашање. Потпишав решенија со кои се одобрува продажбата на вино од залихите, а со средствата ќе бидат исплатени лозарите - нагласи Николовски по завршната конференција за проектот за надградување на Земјоделскиот информативен систем.
Тој потенцира дека од 1 јуни годинава е запознаен со случајот на „Повардарие“ кој, и покрај долговите, бил игнориран 10 години.
Во врска со субвенциите, министерот информира дека исплатата тече согласно Законот. Постапката е забрзана зашто пред доаѓањето на новата Влада, процесите беа блокирани.
- За три и пол до четири месеци се исплатени 93 милиони евра заостанати обврски од 2014, 2015 и 2016 година - рече Николовски.
На прашањето зошто Владата планира да го укине „Денот на дрвото“, Николовски одговори дека привршуваат деталните анализи околу досегашниот ефект на оваа акција, но истовремено Владата ја поддржа Програмата за проширена репродукција на шумите со шест до седум пати поголем износ.
Осврнувајќи се на недостатоците што ги нотира проектот за Земјоделскиот информативен систем, Николовски подвлече дека е во тек ревизијата за распределбата на земјоделското земјиште и потпишаните договори по оваа основа.
Додади коментар