Нерешено заврши тиквешкото фудбалско дерби
07-11-2016 СПОРТ

Тиквешко дерби. Едно од најголемите ривалства во Македонија. Прекрасен есенски ден. 2500 луѓе на трибините. Но за жал , актерите на теренот само потврдија зошто се наоѓаат на последните две позиции на табелата. 90 минути игра а само два шута на гол и тоа двата завршија со погодок. Да не беа картоните новинарските бележници ке останеа празни.

 

Да трнеме по ред. Двете екипи играа во грч. Премногу грешеа па голманите немаа никаква работа. Се до 23 мин кога во една акција топката стигна до Вареловски кој од прва испрати балон топка во шеснаесетникот на гостите. Искусниот Стојановски одлично втрча во празно и со силен волеј ја затресе противничката мрежа. Водечкиот гол наместо да ги поттикне домашните фудбалери едноставно не влијаеше според очекувањата. Фудбалерите на Љубанци застанаа а гостите од Неготино се обидуваа да израмнат но нападите беа и повеке од јалови. Кај двете екипи не постоеше врската среден ред-напад па така акциите беа неповрзани и безопасни. Второто полувреме почна идентично. Многу грешки, фаули и прекини.

 

Во 57 мин во жарот на борбата несмасно стартуваше гостинскиот фудбалер Петковски врз Вареловски. Очигледно беше дека нема намера но стартот на Петковски заврши врз ногата на Вареловски па судијата додели директен црвен картон. И повторно домашните згрешија. Наместо да го притиснат противникот и да ја осигураат победата тие му дозволија на противникот да игра негова игра Во 78 мин според судијата Влахо Константин поради неспортски потег, гостинскиот фудбалер Илиевски заработи втор жолт картон па мораше да го напушти теренот. И домашните повторно згрешија. Наместо да тргнат кон противничкиот гол со сите сили и да се обидат да ја искористат огромната бројчана предност и да го решат натпреварот тие продолжија со „кукавичката “ игра и како да се решија да го чуваат резултатот. Ваквата тактика им се врати како бумеранг.

 

Во 80 минута при еден шут кон голот на Љубанци иако топката не одеше во рамките на голот домашниот голман реагираше и само кратко ја одби топката која на ивица на шеснаесетникот стигна до Давчев кој биеше по земја. Топката мина крај нозете на домашните фудбалери и домашниот голман кои ја испратија само со поглед и отседна во малата мрежа во спротивниот агол на голот. Домашните дури тогаш како да сватија дека имаат два фудбалера повеке во поле и тргнаа во офанзива но нападите беа анемични и безопасни.

 

Гостите со чести прекини и лежење по теренот на крај стигнаа до посакуваната цел - бод кај лутиот ривал. А домашните ке треба да размислат што бараат во втората лига со ваква игра и ваков ростер на играчи. Факт е дека Љубанци во моментов нема квалитет а ни фудбалери за да парира на второлигашки екипи. Во моментов единствени кои би можеле да добијат каква таква преодна оценка за стореното во досегашниот дел од првенството се оние поискусните како Стојановски, Ристов и Лазарев како и младиот Дуков кој не играше против Вардар поради повреда која ја заработи на еден од последните тренинзи.

 

Младите фудбалери кои му се ставени на располагање на стручниот штаб се далеку далеку од оние нормативни квалитети за втора лига и едноставно кога кавадарчани би имале поголем избор на фудбалери тешко дека би допреле до првиот тим а прашање е дали би играле и во младинските погони. За Љубанци оваа полусезона е катастрофална ако се знае дека допрва следуваат гостувањата кај Академија Пандев и Еуромилк. Едноставно кавадарчани делуваат како да се заскитани во овој ранг на натпреварување. Потребен е генерален ремонт на тимот и сето тоа треба да почне да се работи од сега а не да се чека зимската пауза.

 

Мики Виденовиќ



Share

Додади коментар