Жителите на селата Бунарче, Галиште, Грбовец, Добротино, Драгожел, Драдња, Клиново, Кошани, Куманичево, Праведник, Р`жаново, Радња и место викано Трлица се ослободуваат од плаќање комунална такса за јавно осветлување. Ваква одлука донесе вчера советот на општина Кавадарци бидејќи во овие села нема инсталирано улично осветлување.
Советникот од СДСМ, Горан Белевски се огласи со реакција во која вели дека и сопствениците на викендици на Тиквешкото Езеро и во Моклиште треба да бидат ослободени од оваа давачка, бидејќи и тие немаат улично осветлување.
„После 2 год укажување на секоја седница на Совет, Александар Панов конечно се согласи со тоа што го зборувам, да се ослободат од плаќање на комуналната такса за јавно осветлување сите домаќинства на кои им се наплаќа, а немаат јавно осветлување.Е сега, Панов предложил одлука за ослободување од плаќање на оваа такса, но "случајно" заборавил да ги ослободи оние кои што имаат викендици и куќи на Тиквешкото езеро и на Моклиште (а таму има многу куќи).И една друга работа, ги повикувам сите граѓани, на кои незаконски им се наплаќало за јавно осветлување преку сметките за струја, да си ги бараат парите да му бидат вратени назад од страна на Општина Кавадарци“ вели Белевски.
На вчерашната седница на советот не беше прифатен и амандманот на советникот Зоран Бањански кој бараше во одлуката да се вметнат и населбата Моклиште и Тиквешкото Езеро бидејќи и овде има голем број на куќи на кои им се наплаќа комунална такса за улично осветлување, а се населени места каде нема јавно осветлување. За овој амандман 9 советници беа против, а го поджаа само шест.
Од локалната самоуправа објаснуваат дека сопствениците на викендици на Тиквешко и во Моклиште не се опфатени со одлуката бидејќи во тек е постапка за поставување на опрема за јавно осветлување и овие населби наскоро ќе добијат улично осветлување.
А.Д
Додади коментар