„Пајакот“ во Кавадарци од вчера и официјално е во потрага на непрописно паркирани возила. На првиот работен ден, вчера, беа отстранети шест возила. Првото непрописно паркирано возило беше на жител од соседно Неготино. Од ЈП Паркинзи велат дека тоа било чиста случајност и дека без селекција ќе се отстрануваат сите возила кои се паркирани на зелени површини, на паркинг места за инвалидизирани лица и на други јавни површини кои не се за паркирање.
Кавадарчани очекуваат конечно да се стави крај на непрописното паркирање пред се на тротоарите, со што се ограничува и отежнува движењето на пешаците.
„Започнавме со работа вчера. На првиот ден отстранивме шест возила кои беа непрописно паркирани. И во наредниот период ќе продолжиме да работиме во насока на средување на хаосот кој владее со паркирањето. Исто така покрај непрописно паркирани возила, отстрануваме и хаварисани возила кои се оставени долг период на јавни површини“ вели директорот на ЈП „Паркинзи“, Сашко Богев.
1500 денари ќе платат несовесните возачи чие возило е отстрането со „пајакот“ и однесено во депото, а само илјада денари доколку возилото не биде транспортирано и возачот се појави веднаш, информираат од надлежната служба.
A.Д

Додади коментар