Најсилен отров од прва категорија затру животни и птици на планината “Кожуф” во месноста “Трибор на границата помеѓу кавадаречко и прилепско Мариово, вели екологистот Томе Лисичанец од Кавадарци и поранешен професор по ловство. Овие фотографии јасно говорат за тоа дека зелениот отров бил причина за смртта на 5 ловечки кучиња, еден сур орел кој е загрозен и европски редок вид како и пердуви од црни гаврани кои се исто така ретки и заштитени. Има и пердуви од јастреби кои најверојатно исто така настрадале. Отровот е поставен на парчиња месо од свиња од кои се затруле животните и птиците.
-Но бројот на затруените видови на животни и птици е сигурно многу поголем затоа што во синџирот на исхраната труењето се пренесува од оден на друг. Ова според првичните сознанија е отров кој продира на нервниот систем а може да продре и преку кожата така што е многу опасно како и за тие што го фрлиле отровот така и за сите кои подоцна ќе дојдат во контакт со тој отров-вели Лисичанец.
За жал вели Лисичанец ова се случува на стартот на ловната сезона и со тоа се повторува праксата од минатото во овој дел на планината “Кожуф”, едни ловџии да ги трујат кучињата на други со цел да покажат предимство над одередена ловечка територија.
-Со ова не тврдам дека труењето е од несовесни ловци, ама многу е веројатно да е така. Ова е навистина сериозен проблем кој треба сериозно да се разгледа. Оти последиците од ваквите постапки можат да бидат многу посериозни и подалекусежни-нагласува Лисичанец.
Тој додава дека со ваквите непромислени постапки се доведува во прашање последната колонија на мршојадци во Македонија која се наоѓа во близина. Истовремено апелира поголема внимателност при продажбата и користењето на отрови во државата.
Светлана Дарудова
Додади коментар