Најдоцна до утре работниците на Фени ќе добиеле плата за ноември - протестот во мирување
06-12-2017 РЕГИОН

 

За утре најдоцна до пладне работниците на „Фени индустри“ во стечај добија ветување дека ќе ја добијат платата за ноември. Поради ваквата најава тие денеска протестот го ставија во мирување.

 

Претседателот на синдикалната организација во Фени, Ѓоре Палитов информира дека биле информирани дека ноемвриската плата ќе им биде исплатена вчера по завршувањето на блокадата на патот Градско-Прилеп од стечајниот управник.

 

„Денеска најверојатно ќе ни се исплати ноемвриската плата, а за октомври ќе мора да пријавиме како побарување заедно со к-15, така е договорено. Народот сеуште не е смирен, ама ситуацијата е статус кво. Да видиме ако ја дадат платата ќе разговараме , ако не ја дадат најверојатно пак ќе протестираме“ рече Палитов и нагласи дека парите за плата веќе биле на сметката на компанијата.

 

„Службите ја обработуваат платата, рекоа дека најдоцна до утре до 9-10 часот ќе ја добиеме. Но службеничката тука ги прави сите напори да се исплати уште денес“ информира првиот синдикалец во Фени.

 

Денеска реагираа и од Здружението на транспортери кои носеа руда за комбинатот. Се жалат дека се наоѓале во тешка ситуација бидејќи Фени за превозот на рудата му немал исплатено надоместо уште од месец март.

 

„Бараме да бидеме примени од банките, вицепремиерот Анѓушев или од стечајниот во “Фени”, чекаме повик денеска, чекаме што ќе кажат од банките, дали ќе влезе некој инвеститор или нема да влезе, па понатаму да размислиме што ќе треба да правиме„ рече претседателот на здружението на транспортери, Трајче Пејовски.

 

„На работниците двете плати ќе им ги пуштат, а ние од трети месец немаме пари земано. Имаме побарувања од четири милиони евра, веќе сме во пропаст, рече Пејовски и најави дека следните чекори ќе зависеле од развојот на ситуацијата во комбинатот.

 

A.Д

 



Share

Додади коментар