Националната федерација на фармери побара повисоки цени за винското грозје
11-08-2018 РЕГИОН

 

16 денари за килограм смедеревка и 17 за вранецот побараа лозарите на синоќешниот состанок организиран од Националната Федерација на фармери на Македонија. Тоа би било минимална заштитна цена на грозјето која е рамна на производната. Состанокот се одржа во Неготино, а присуствуваа лозари од триквешкиот, гевгелиско-валандовскиот, струмичкиот и штипскиот регион.

 

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше побарано функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата (банкарска гаранција од откупувачите). Во Програмата за финансиска подршка на руралниот развој да влезат заштитните мрежи, антифрос системи, инсталирање на вентилатори, заштитни фолии, како мерки за заштита и адаптација на овој сектор и целиот земјоделски сектор на новите климатски промени.

 

На состанокот лозарите побараа државата да ги врати против градобијните ракети, но и да подржи автохтони сорти на грозје кои можат да бидат конкурентни. Исто така, бараат и зајакнување на контролата од надлежните институции при издавањето на лиценци за откуп.

 

“Откупната цена на двете најзастапени сорти во Република Македонија “смедеревка” и “вранец” не е помрдната во изминатите 10 години, иако трошоците на производството се зголемени дури и за повеќе од 50 проценти, рече претседателката на федерацијата, Васка Мојсовска.

 



Share

Додади коментар