Безбедносната состојба во областа на јавниот ред и мир во текот на второто полугодие од 2014 година на подрачјето на полициската станица од општа надлежност Кавадарци се оценува како поволна и стабилна, без нарушувања на јавниот ред и мир во поголем обем, се наведува во информацијата од кавадаречката полиција што ја разгледуваше и усвои советот на последната седница.
Во неа се нагласува дека полицијата редовно ги следела состојбите во областа на јавниот ред и мир и се превземале соодветни мерки согласно законските прописи како на превентивен, така и на репресивен план.
„На превентивен план од страна на полицијата беа одржани повеќе советодавни групи на граѓани и трибини во кои е разговарано за тековните проблеми како на граѓаните на Кавадарци, така и во руралните средини со цел надминување на проблемите кои ги имаат граѓаните кои живеат на подрачјето кое го покрива полициската станица во Кавадарци“ стои во информацијата.
Во текот на второто полугодие од 2014 година акцентот бил ставен на прекршоците од јавниот ред и мир и тоа особено значење се давало на мирот и спокојството на граѓаните при што биле откриени 99 прекршоци. Се бележи намалување од 22 отсто во прекршоците споредено со претходната година.
Полицијата работела и на специфични прекршоци оддавање на пијанство на јавни места со посебен акцент на уживање на дроги. Биле превземени мерки на репресивен план и како резултат на тоа се бележи намачување на прекршоците со елементи на насилство како што се тепачките и физичките напади. Полицијата во второто полугодие од минатата година ставила акцент и на откривањето на прекршоци на уживање дрога на јавни места каде се бележи зголемување на откривачката активност за 180%, или биле откриени 14 прекршоци, споредено со 2013 кога се откриле само 5.
Кавадаречката полиција регистрирала 128 сторители на прекршоци и бележи намалување во споредба со истиот период од минатата година и тоа за 23,3%. Прекршоците најчесто биле извршени во градот и тоа во 85 случаи, додека во село има регистрирано 14 прекршоци. Од нив 49 прекршоци биле на улица, 29 во угостителски објекти и 21 прекршок на друго место. Во 74 случаи прекршоците се вршени поединечно, здружени по две лица се евидентирани 13 прекршоци, а група од три и повеќе лица во 12 прекршоци. По дејство на алкохол биле извршени 26 прекршоци.
Најчесто се вршеле, физички напди, учество и предизвикување или поттикнување на тепачка, непристојно однесување, уживање на наркотични дроги и психотропни супстанци, оддавање на пијанство на јавни места, омаловување на полицајци и други службени лица.
Според возрасната структура на прекршителите, најмногу јавниот ред и мир го реметеле лица над 25 години, додека лица под 16 години не се регистрирани како прекршители.
Ангел Данов

Додади коментар