Ниска излезност, а висока поддршка на договорот со Грција и влез во НАТО и ЕУ. Ова се резултатите од вчерашното референдумско изјаснување на жителите на четирите општини од Тиквешијата.
На ниво на овие четири општини 17.251 граѓанин се изјаснил позитивно, а против гласале 2167 жители на Тиквешијата.
Во Кавадарци правото на глас го искористиле 10.966 граѓани или 33,99% од вкупниот број запишани избирачи. Од нив 9292 или 84,73% се изјасниле дека го поддржуваат договорот со Грција и се за влез во НАТО и ЕУ. Против на референдумското прашање одговориле 1305 кавадарчани или 11,9%.
И неготинци кои излегле на гласање дале позитивна поддршка на референдумско прашање. Гласале 5972 граѓани или 37,55% од вкупниот број граѓани со право на глас. 5064 од нив или 84,8% се изјасниле ЗА, а 655 или 10,97% биле против.
Во Росоман излезноста е 32,54% или 1088 граѓани од вкупниот број во избирачкиот список излегле на гласање. ЗА гласале 945 од нив, а против 102.
42,41% од избирачите во Демир Капија вчера гласале. Од нив 899 граѓани одговориле ЗА, а 105 против на референдумското прашање.
Гласањето во сите општини од Тиквешкиот регион помина без проблеми во фер и демократска атмосфера.
На државно ниво позитивно на референдумското прашање се изјаснија 606.200 граѓани, а против гласале 37.372.
A.Д

Додади коментар