На трошок на општината се санират полските патишта
22-05-2015 РЕГИОН

И годинава општина Кавадарци ја продолжи акцијата за санирање на полските патишта,акција која започна во 2009 година. Досега се опфатени околу 30 километри полски и селски земјени патишта, информираат од локалната самоуправа. Ваквата акција има за цел да им го олесни пристапот до своите насади на лозаропроизводителите. Градоначалникот Александар Панов денеска рече дека и годинава активностите финансиски се покриваат од буџетот на општината.

„Оваа мерка ја  воведовме во функција во 2009 година  со цел да ја ублажиме кризата од нередовната исплата на грозјето и ниската цена. И покрај тоа што тие состојби денеска се надминати, не во целост, туку во повисоката цена не и во редовната исплата. Одлучив и добив подршка од советот,  Кавадарци да биде една и единствена општина која од сопствениот буџет финансира санирање и прочистување на полски патишта и доуредување на селските земјени патишта. Деновиве интервениравме и на патот до манастирот Свети Спас на Љубаш и тоа по барање на жителите и имателите на лозови насади“ рече Панов.

Градоначалникот Панов информира дека годинава до општината пристигнале многу барања за да се изврши санација на полските патишта, пред се и поради оштетувањата кои се направени од поројните и обилни дождови во февруари и март годинава. Тој апелира до граѓаните да бидат трпеливи бидејќи одеднаш неможе да се одговори на сите барања.

„Зарди големото уништување на полските патишта барањата се двојно или тројно зголемени. Општината не располага со толку финансии и механизација да се учини на секое барање. Ќе интервенираме само на главните полски патишта. Сумата која ја одвовиме е доволна само да се интервенира со булдужер, а на поедини места да интервенираме и со тампонирање за да може да одговориме на повеќе барања“ рече Панов.

Ангел Данов



Share

Додади коментар