На патрониот празник предадени новите училници на гимназијата „Добри Даскалов“
11-11-2016 РЕГИОН

Повеќе делегации денеска положија свежо цвеќе на спомен бистата на револуционерот и војвода „Добри Даскалов“. Со тоа започна одбележувањето на патрониот празник на гимназијата во Кавадарци која го носи неговото име.

 

 

За ликот и делото на Добри Даскалов потсетија ученици од училиштето, а директорката говореше за растот и развојот на оваа образовна установа. Нагласи дека за учениците и вработените, денот на раѓањето на нивниот патрон е посебно свечен ден, бидејќи го слават раѓањето на големиот револуционер и тиквешки војвода.

 

„ Ние вработените и учениците се бориме за своја позиција и афирмација со постигнување  на нови применливи знаења квалитет иновативност и постигнување на одлични резултати на сите полиња.  Сите овие години гимназијата покажа дека е расадник на знаење и богат духовен живот кој пулсира меѓу овие ѕидови и многу подалеку од училишниот простор. И оваа година нашите ученици беа доста успешни не само на редовните наставни активности туку и на сите натпревари. Го афирмираа училиштето градот и републиката и навистина се наша гордост. Сите овие резултати зборуваат за големата ангажираност, посветеност на професијата на нашите наставници кои несебично го даваат своето знаење и искуство и затоа можеме да се пофалиме дека успешно ја остваруваме нашата културно - општествена мисија. Од своето постоење до денес  гимназијата не престана да биде двигател и поддршка на развојот и на градот. Гимназијата уште долго ќе биде домот кому секогаш со задоволство ќе му се враќаме“ рече меѓу другото во своето обраќање на свеченоста по повод патрониот празник, директорката на училиштето, Невенка Поп-Ангелова.

 

 Одбележувањето на празникот на училиштето беше повод и за свечено отоврање на новоизградењните училници во гимназијата. Градоначалникот Александар Панов на вработените учениците им го честита патрониот празник, а во изјава за медиумите нагласи дека во наредниот период ќе се заврши и со опремување на новите училници и истите наскоро ќе бидат пуштени во функција. Една од училниците ќе биде модерно опремена од универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.

 

Подобар начин да се одважиме и оддолжиме за жртвата на нашиот сограѓанин, Добри Даскалов не постои. Денеска одбележуваме свечено ставање во употреба на овие осум простории што чинат 20 милиони денари. Ги обезбедивме со помош на владата преку СБ и ги наменивме за гимназијата. Целта беше со доградба на овие 8 кабинети  да обезбедиме поголем простор за учениците. Со ова нема да обезбедиме и  едносменска настава,  но ќе обезбедиме неколку часа штедење и на електричната и на топлотната енергија.  Ова го правиме првенствоно за учениците, за професорите, за да имаме што поквалитетно образование и кавадаречките деца да бидат над сите во Македонија“ рече Панов.

 

 

Директорката на училиштето, искажа благодарност до општината за одвоените средства за доизградба на училниците, но и до сите кои донираат за опремување. Нагласи дека гимназијата е отворена и за донации од бизнис секторот.

 

По повод патрониот празник ученици изведоа културно уметничка програма, а во дворот на гимназијата беше означен стартот и на лигата на класното првенство во мал фудбал.

Aнгел Данов



Share

Додади коментар