Музеј галерија Кавадарци реализира едукативна работилница за деца со посебни потреби
04-05-2017 РЕГИОН

 

     Поради големиот интерес на децата со посебни потреби сместени во ОУ “ Страшо Пинџур“ од нашиот град, Музеј галерија од Кавадарци оваа година продолжи со едукативната работилница под наслов “Учиме и цртаме за нашето културно наследство“. Овој исклучително важен проект има за цел децата со посебни потреби од нашиот град ги воведиме и запознаеме со нашето недвижно културно наследство во градот и околината.

 

Минатата година започнавме со посета на Моклишкиот манастир, црквата Св. Никола, значаен споменик на културата од 16 век. Денес ја посетивме и презентиравме црквата “Успение на Пресвета Богородица“ во н. Ваташа каде што дечињата преку моделирање со пластелин и глина, цртање и боење поблизу ја осознаа убавината и значењето на овој споменик на културата од 19 век. Покрај дваесетте дечиња учество зедоа и нивните наставници дефектолози – Зоран Велков, Костадинка Живковска и Драгица Арсова и наставничката по информатика, Маричка Спанџова.

 

 

   Целта на проектот секако е да влијаеме едукативно на нив, преку дружење и забава и тие ги осознаат намената и функцијата на овие значајни споменици на културата, а нивните дела по повод 3-ти декември, денот на децата со посебни потреби, ги презентираме на изложба во нивниот центар.

 

   Едукатор и раководител на Проектот е Весна Ѓорѓиева – виш кустос историчар на уметност  во Музеј галерија, Кавадарци  во соработка со Трајче Цветков – кустос историчар на уметност од истата институција.

 

  Проектот е финансиран од страна на Министерство за култура - Скопје

  



Share

Додади коментар