Во однос на барањата на жителите на н.м Сирково, би сакале да потенцираме дека Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта веќе предложија решение за подобрување на пристапноста на експресниот пат Градско-Прилеп.
На состаноците што се остварија со претставници од Министерството за транспорт и врски, ЈП за државни патишта и од Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Макодонија со преставници на н.м Сирково, а со цел да им се излезе во пресрет на жителите, предложено е да се изгради регионален паралелен пат од втора категорија со слични технички параметри како и регионалниот пат Градско-Прилеп кој би се поврзал од јужниот влез во с.Сирково до јужниот влез во с.Крушевица.
Барањето за жителите од н.м Сирково за изградба на нова клучка на самиот експресен пат е неприфатливо од неколку причини и тоа од безбедносен аспект за сообраќај како и од технички аспект.
Потенцираме дека безбедноста во сообраќајот е од примарно значење, што подразбира дека изградба на нова клучка надвор од сегашниот проект ќе доведе до загрозување на сообраќајот на експресниот пат во смисла на минимално дозволено растојание помеѓу две клучки на патишта од оваа категорија.
Дополнително изградба на нова клучка кај с.Сирково не е остварлива и од технички аспект, со оглед на тоа што во моментот на таа точка има објекти кои не дозволуваат воопшто да се изгради клучка земајќи ги во предвид геометриските параметри, експропријација како и фактот што со сегашниот проект предвидената клучка веќе е изградена околу 70 % и се реализирани финансиски средства во износ од околу 180 000 евра.
Заради наведените причини, барањето на жителите на н.м Сирково ќе доведе до финансиски импликации односно кратење на финансиски средства за следниот период од страна на Европската комисија поради ненавремено завршен проект.
Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта во соработка со Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Макодонија се отворени за разговори со жителите на н.м Сирково, но воедно бараме разбирање од причина што изградбата на нова клучка нема ниту техничка ниту финансиска оправданост, запазувајќи го пред се безбедносниот аспект во одвивање на сообраќајот на трасата на експресниот пат - велат од МТВ.
Додади коментар