Изолацијата и асфалтирањето завршија пред неколку дена, се уредува крајбрежјето, а тој е веќе прооден.
Фирмата „Гранит“ која е изведувач на работите во петокот заврши со градежните работи за изолирање на коловозот и негово асфалтирање. Останува само да се префарба старата ограда и да се уреди кејот на реката Вардар и да се доведе во првобитната состојба која беше нарушена со изведувањето на градежните работи. Од Општина Градско најавуваат дека очекуваат сите работи да завршат за десетина дена, тие да ја добијат целата проектна документација по што ќе се организира свечено пуштање во употреба на мостот кај Ногаевци.
Инаку пред две и пол години надојдениот Вардар го однесе мостот кој живот значеше за жителите од Ногаевци оти ги поврзуваше со регионалниот пат Велес – Градско и железничката пруга. Иако добија ветувања дека тој веднаш ќе биде саниран тоа не се случи, а тие две и пол години се мачеа градејќи си импровизирани мовчиња кои често беа носени од водата. За да преминат од другата страна на реката и ги транспортираат земјоделските производи од кои живеат тие мораа да вртат по земјениот пат полн со дупки преку селото Кочилари кое им го продолжуваше патувањето за повеќе од 20 километри.
Додади коментар