Министерот за образование Арбер Адеми денеска на прес конференција апелираше до родителите, учениците, студентите, наставниците и професорите да користат алтернативни начин за продолжување на образовниот процес, сè додека не се смири ситуацијата со коронавирусот. Тој рече дека во вакви услови не можат да кажат до кога ќе трае прекинот, дали само 14, дали 20 или повеќе денови, но ги охрабри сите да наоѓаат алтернативни начини.
„Не сметам дека оваа учебна година е уништена“, рече Адеми одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку овој прекин потрае, учебната година ќе се поништи.
„Во прв план ни е здравјето на граѓаните и на децата. Станува збор за пандемија и затоа во вакви околности не може да се организира настава. Не сметам дека оваа учебна година е уништена. МОН заедно со другите институции има капацитет за да ја организира наставата. Дали преку училишни канали на комуникација или на друг начин, но процесот не смее да запре“, рече Адеми.
Тој како алтернативни начини на учење ги посочи бесплатните апликации, и едукативната програма на МТВ наречена ТВ-училница, каде на трите канали почнаа да се емитуваат лекции по сите предмети кои се учат во школите.
„Првичните реакции се позитивни, а програмата ќе се реализира се до стабилизирање на ситуацијата и враќање на децата во школите“, истакна Адеми.

Додади коментар