Шестгодишниот Ване Бошев од Неготино на 6 години се искачи на врвот Солунска Глава на планината Јакупица висок 2.540 метри надморска височина. Тоа е негово ново достигнување бидејќи досега се има искачено на повеќе врвови. Пешачеше цели 13 часа во саботата тргнувајќи од стазата од Скопје која според многумина е потешка за одење. За среќа планинарењето помина без проблеми при извонредни временски услови. Тој беше дел од околу триесетчлената група која ја изведе оваа планинарска акција. Имаше планинари од повеќе планинарски друштво во Македонија. Неофицијално, тој е најмладиот македонец кој се качил на врвот и многу се гордее на сопствените успеси. Останатите планинари беа восхитени од успехот на Ване па со аплауз го дочекаа на врвот.
-Среќен сум што прв од моите другарчиња оваа година згазнав на снег. Имам за што да им кажувам. Полицајците горе што работат планинарите ги дочекаа со чај и вода а мене ми дадоа млеко и чоколади. Почнав да планинарам на неполни три години. Досега ги имам освоено врвовите “Бел Камен” на Плачковица, “Милкин Врв” кај Валандово, “Кадиица” Пехчево, “Пелистер” Битола, “Делчев Врв” на планината Серта кај Неготино. Сум одел на февруарски походи и меморијални планинарски маршеви низ цела Македонија-ни објасни овој првоодделенец во основното општинско училиште “Страшо Пинџур” во Неготино .
Бошев важи за еден од најмладите планинари во Неготино и пошироко, член е на планинарското друштво “Антигонеа” исто како и неговиот татко Орданче. Сонува кога ќе наполни 10 години, со татка си да се искачи на Мон Блан, планина во Алпите со највисок врв во Западна Европа од 4.808 метри.
Дотогаш, на сите свои другарчиња па и на постарите им препорачува планинарење, да бидат дел од природата. Затоа што како што вели, природата е убава и во лето и во зима, во есен и на пролет. Го прашавме дали му е полесно планинарењето или математиката, тоа да учи да чита и пишува.
-На училиште морам да одам, ама едвам чекам да дојде петок за да планинарам некаде-искрен беше малиот планинар обвиткан во македонското знаме.
Неговиот татко е среќен што во својот син има вистински наследник планинар.
Организатор на акцијата беше планинарското друштво “Караџица” од Скопје.
С.Д
Додади коментар