Мирен протест пред судот во Велес за поддршка на Благој Пешиќ
14-06-2017 РЕГИОН

 

 

Пред Основниот  суд  во Велес утре во периодот од 12 до 14 часот ќе се одржи мирен протест од граѓани, стрелци, спортисти, тренери, спортски работници од Кавадарци за поддршка на Благој Пешиќ, најтрофејниот тренер во Р.Македонија, врз кого е нанесена голема неправда.

 

Тргнувањето е со организиран превоз во 11 часот од плоштадот во Кавадарци.

 

(интегрален текст од соопштението доставено до нашата редакција од граѓани на град Кавадарци, Родителите на малолетните стрелци на СК Кавадарци, Сојуз на спортови на град Кавадарци ( СК Кавадарци, ГРК Тиквеш, МКК Фени Индустри АД, ЖКК Про-Баскет, Карате Клуб Тиквеш, Карате Клуб Енерџи, Џудо Клуб Кожувчанка, ПСД Орле, ЖКК Трокал и КК Кавадарци)

 

Благој Пешиќ е жртва на една исконструирана изјава на 13 годишно девојче во координација на релевантни луѓе кои свесно или несвесно ја поддржуваат оваа местенка.

 

Во предметот што се води против осомничениот Благој Пешиќ, прво и основно, не постојат елементи на полов напад и полови дејствија(како што е обвинението), туку сите дејствија кои тоа ги изјавува се : пипка по рамото, фати за грбот до половината, бакнува по челото, ме прегрнува, ме фати за вратот и два пати ме бакна по вратот (при што инспекторите не земале отисок од вратот ниту пак јавниот обвинител дал наредба да земат како што е вообичаена постапка при ваква изјава за да утврдат веднаш дали има сомнение за дело ).

 

Во овој спорт тренерот остварува физички контакт со стрелецот при местење на ставот за пукање на начин што : го фаќа за рамото при местење на положбата на кундакот, го фаќа за грбот и стомакот, односно за половината при местење на аголот на наклонување, го лоцира десното стапало напред-назад, лево-десно. Во овој контекст, тренерот, како и во секој друг спорт, остварува физички контакт со спортистот при славење на победи, спонтано, кога со прегрнување, кога со бакнеж во чело или образ ( девојчињата од стрелачкиот клуб Кавадарци освоиле Куп на Македонија оваа година).

 

Дали овие физички контакти се сведуваат и можат да се третираат исто со полови дејствија и полов напад? Каде постојат овде елементи кои водат кон задоволување на некоја страст и нагон?

 

Како би се справиле тогаш тренерите по гимнастика, по атлетика, карате, кошарка или било кој друг спорт кој опфаќа истегнување, загревање на мускулите, а тоа најчесто го прави тренерот.

 

Кога ваква местенка, без никакви докази, само со една изјава на девојче (иако постојат деца-сведоци на настанот кои го опишуваат тренингот исто како и тренерот, затоа што тоа било вообичаен тренинг)може да намести 68 годишен тренер, кој 15 години боледува од шеќерна болест и е на инсулинска терапија, тогаш кој и на каков начин ќе ги заштити помладите тренери кои работат со малолетни девојчиња?

 

За жал, луѓето кои се одговорни за спроведување на правда во овој случај, се директни учесници за оваа неправда, работејќи непрофесионално, нечесно и незаконски, што всушност се докажува и со трет месец задржување на Благој Пешиќ во притвор, без никакви реални образложенија и докази. А која е цената и кој е мотивот  да се уништи еден невин човек и цела фамилија, човек кој 40 години успешна тренерска кариера немал ниту една дамка на нговиот углед и достоинство, создал тројца олимпијци, државни шампиони, години и години прогласуван за најдобар тренер во државата, добитник на 7-мо Септемвриска награда од град Кавадарци за посебни постигнувања во спортот, човек и тренер по кој стрелците сегашни и бивши генерации наназад го знаат само по добро и плачат по него нарекувајќо го втор татко, затоа што тој за нив тоа и бил, давајќи им поддршка за подобри резултати и успеси како во спортот така и во животот. Сето ова го потврдуваат и родителите на малолетните стрелци кои безрезервно му даваат поддршка на тренерот Благој Пешиќ и веруваат во неговата невиност чекајќи тој да биде пуштен на слобода за да можат нивните деца повторно да тренираат и да бидат доверени на најдобриот тренер во Р.Македонија. - се вели во соопштението доставено до  нашата редакција од граѓани на град Кавадарци, Родителите на малолетните стрелци на СК Кавадарци, Сојуз на спортови на град Кавадарци ( СК Кавадарци, ГРК Тиквеш, МКК Фени Индустри АД, ЖКК Про-Баскет, Карате Клуб Тиквеш, Карате Клуб Енерџи, Џудо Клуб Кожувчанка, ПСД Орле, ЖКК Трокал и КК Кавадарци ).

 



Share

Додади коментар