Се реконструира покривната конструкција, се изврши партерно уредување на дворот и целосно се реновира фасадата на спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур. Сега посетителите на оваа куќа, која има статус на споменик заштитен со закон во музејската поставка можат да погледнат и нови 40 фотографии кои говорат за делото на народниот херој од легендарното село Ваташа.
Спомен куќата во ваташа денеска ја посети министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска.
„Заедно со локалната самоуправа издвоивме средства да се реновира и реставрира спомен куќата на Страшо Пинџур, која што е заштитена со закон како споменик на културата. Целта беше да се задржи автентичниот изглед на самата куќа, така да целосната реставрација и реновирање имаа неколку делови.“ рече при денешната посета министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска и нагласи дека еден од приоритетите на Министерството за култура бил локалниот културен развој.
„Независно дали станува збор за национална или локална институција од областа на културата, се трудиме да дадеме подршка. Сепак Кавадарци е историски град со многу значајни личности кои оставиле белег во историскиот развојот на градот. Навистина посетеноста на оваа спомен куќа на овој народен херој е голема“ рече министерката.
Реновирањето на спомен куќата на Страшо Пинџур според градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов е доказ дека се води подеднакво грижа за сите културно историски спомненици, а не само за античкиот период.
“Подеднакво се оддава внимание и на втората светска војна и на револуционерниот период, кога за прв пат Македонија се здоби со првата форма на независност. Страшо Пинџур е наш револуциноер, народен херој. Поголем дел од неговата фамилија е загината во турско , во српско и во германско , а тоа говори дека македонскиот народ се борел за ова што го имаме денес. Оние критики кои ги имавме дека не обрнуваме внимание на спомениците од втората светска војна не се точни.“ рече Панов и потсети дека покрај куќата на Страшо во изминатиот период се извршило и реконструкција на спомен костурницата во градскиот парк во Кавадарци. Панов најави и дислокација на спомениците од НОБ во паркот на револуцијата кој се наоѓа наспроти полициската станица.
Директорот на музејот Петре Камчевски е задоволен што во изминатиот период со подршка на министерството за култура и на општината се изврши реконструкција на културно историските споменици.
Ангел Данов
Додади коментар