Домашните миленичиња од идниот месец задолжително ќе се идентификуваат со микрочип. Согласно Правилникот донесен во јануари годинава, за бездомните животни оваа обрвска ја презмаат стационарите.
Како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство, идентификацијата ќе ја спроведуваат овластени ветеринарни друштва. Со неа ќе бидат опфатени кучиња и мачки. Сопствениците се должни да ги идентификуваат миленичињата максимум шест месеци од нивното раѓање.
„За оние што нема да ја реализираат обврската, според Законот, предвидени се глоби, до 1.000 евра за правно и 80 евра за физичко лице. Но, интенцијата не е да се казнува, туку да се зголеми свеста за идентификација која ќе овозможи квалитетна здравствена заштита. Оттука, при евидентирање случај на неидентификуван миленик, најпрво ќе се пристапи кон советување и едукација“ информираат од Агенцијата.
Исто така се спроведуваат и активности за контрола на кучињата скитници.
“Со измените на Законот за благосостојба на животните кои се во процедура, предвидено е формирање регистар на вдомени животни, како и регистар на опасни кучиња. Точно ќе се знае кој е сопственикот, дали животното е вакцинирано и кога. Ќе се воведе и инструмент за проценка на социјализацијата на кучињата“ рече заменик директорот на Агенцијата Абдулезел Догани.
Посебна комисија ќе го одредува процентот на социјализација на кучињата скитници. Друга комисија, пак, ќе проценува кое куче, домашно или скитник, е опасно или агресивно.











Додади коментар