Децата да не бидат злоупотребувани за политички цели - е генералната порака што доаѓа од сите сфери на општеството по најновите снимки во кое се гледа и слуша како директор на училиште ги убедува средношколците да одат на протест. Министерството за образование и наука (МОН) најави санкции, но ситуацијата на терен говори дека и натаму продолжува масовната злоупотреба на деца во политичките случувања во земјава. Трендот започнат многу одамна, зема замав и прашање е дали е можно да биде запрен.
„Загрижени сме како се развива состојбата“, вели Драги Змијанац, прв човек на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Од таму предупредуваат дека се' поочигледна е ескалацијата на насилството, како и поделбата меѓу учениците и кадарот вработен во училиштата и тоа интраетнички и меѓуетнички. „Младите се ставени во ситуација да ги репродуцираат општествените случувања и проблеми за кои возрасните, пред се' најголемите политички партии, не наоѓаат решение“, заклучува Змијанац.
„Поттикнување, сугерирање и охрабрување на младите на насилни и заканувачки начини на делување не смее да биде прифатливо. На младите треба да им помогнеме да наоѓаат ненасилни начини и форми за дискутирање на општествени проблеми, со почит едни кон други, без оглед колку имаат спротивставени мислења“, сметаат во „Меѓаши“.Претходно, Хелсиншкиот комитет информираше дека минатата недела регистрирале два случаи каде ученици на средни училишта се повикуваат на протест, поради што ќе поднесат претставки до Државниот образовен инспекторат и Народниот правобранител.За жал целата ситуација не остана имуна ниту на Кавадарци.
Низ средните училишта со денови се разфрлаат политички летоци, а денеска низ социјалните мрежи кружеа и двојазични свидетелства на кој реагираа средношколците. Несомнено децата ги има и по протести и митинзи, а сликата не е ниту нова ниту чудо, туку за жал само доказ за злоупотреба.ОД МОН велат дека за секоја пријава и секој случај ќе биде информиран државниот инспекторат за образование и ќе се истражува.
М.М
Додади коментар