Во изминативе 25 години заразното заболување туларемија е регистрирано само двапати а од почетокот на оваа година заради новонастанатите услови по поплавите во Македонија има регистрирано 10 заболени лица. Досега во Општина Кавадарци нема регистрирано заболен од туларемија што не значи дека не се преземаат потребните мерки за спречување на зарази. Од локалната самоуправа Кавадарци денеска бевме информирани дека е завршена тендерската постапка и деретизацијата на канализационата мрежа и јавните прометни површини и оваа година се доверени на приватната фирма „Лиса –ком“.
Состојбата будно се следи и на терен и преку инспекциските служби. Одлучено е во рамките на итните мерки за спречување на епидемија од туларемија со деретизација да се започне од утре, што всушност се совпаднува и со вообичаените активности кои секоја година се преземаат во месец април се до средината на мај. За оваа намена од буџетот на општината одвоени се 300 000 денари. Со овие мерки не значи дека граѓаните треба да бидат мирни , туку напротив и натаму претпазливи за секоја можна средба со глодари или нивниот измет.
Во оваа насока во вестите имаме апел од Томе Лисичанец, претседател на Здружението за зачувивање на природата „Аквила“ од Кавадарци за спроведување кампања за заштита на природните непријатели на глодарите кои го одржуваат нивниот број во подносливи граници.
Мирјана Мукаетова

Додади коментар