Тимот на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени вчера во општина Неготино демонстрираше неколку земјоделски мерки за прилагодување на лозарството кон климатските промени кои изминативе три години ги тестираше кај трпезното грозје.
Одговорните на проектот на едно од нивните опитни полиња, поставено во лозов насад, сопственост на Васка Мојсовска од с. Тимјаник, Неготино ги собрале земјоделците и советниците на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и им укaжувале на некои од стратегиите за прилагодување на земјоделското производство кон климатските промени, како што се употреба на УВ заштитни мрежи, аплицирање на калциум карбонат и Т-систем на кроење, кои се употребуваат за заштита на лисната маса и плодовите од сончеви изгоретини. Пред присутните бил демонстриран и процесот на аплицирање Калциум карбонат во лозов насад. Инаку, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, почна да се спроведува во април 2012 година од страна на Мрежата за рурален развој на Република Македонија.
Целта е да им помогне на земјоделците да го зачуваат нивото на приход преку намалување на штетите предизвикани од промените во животната средина. Влијанието на климатските промени изразено преку температурни осцилации, нерамномерни врнежи, зачестеност на екстремни појави, како што се суши, топлотни бранови и шумски пожари предизвикуваат негативни ефекти врз земјоделското производство, шумарство итн. Со овој проект им се помага на индивидуалните земјоделци да научат како да ги ублажуваат ефектите од климатските промени, преку нивна обука, како да ги заштитат посевите и добитокот од суши, бури и ширењето болести и штетници во услови на ненадејни температурни екплозии. Проектните активности се фокусирани во медитеранската зона, вклучувајќи го Вардарскиот регион со делови од струмичко и гевгелиско – земјоделско богати области кои се под најголемо влијание од климатските промени.
М.А
Додади коментар