Медијацијата е вонсудска постапка на алтернативно решавање на спорови со помош на трето неутрално лице (медијатор), кое им помага на страните да изнајдат заедничко решение. Денеска во Кавадарци во кино салата при Домот на културата „Иван Мазов Климе“ се промовираше оваа постапка. Средбата беше од регионален карактер, а присуствуваа претставници на општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија, претседателите и судии од основните судови во Кавадарци и Неготино. Усепшна работа на денешната средба на присутните им посака претседателката на кавадаречкиот совет Горица Пеливанова-Вилхелм.
Проектот со кој се промовира алтернативниот начин на решавање спорови го работи Институтот за Европска политика Скопје во соработка со Министерството за правда, а е подржан од амбасадата на Кралството Холандија.
Ивеш Сепеши претставничка на Холандската амбасада во Македонија пренесе искуства од нејзината земја околу спроведувањето и практицирањето на медијацијата.Нагласи дека медијацијата е многу важно да се спроведува во правниот систем бидејќи е брз и ефтин процес. Во Холандија имало обуечно околу 5.000 медијатори. “Гледам дека и во Македонија има многу мотивирани медијатори кои се залагаат за овој процес“ нагласи Сепеши.
Медијацијата за прв пат во Македонија е регулирана со Закон во 2006 година, а во ноември истата година е започната нејзината примена. Драган Додовски, претставник на Министерството за правда посочи дека министерството има спроведено низа активности и измени во законот за полесно користење на медијацијата.
За значењето и можностите на медијацијата говореа Роза Алексова, медијатор од Кавадарци и Елизабета Петковска судија во кавадаречкиот суд. Беше нагласено дека медијацијата е за 50% поевтина од судскиот спор, побрза и може да трае неколку часа или неколку денови за разлика од судската постапка која во просек би траела 370 дена. Процесот на медијација се одвива далеку од очите на јавноста и затоа ја штити приватноста, се одвива без формалности, истраги, изведување докази и исходот е без победници и губитници,а може да се применува во повеќе области.
Во Македонија има 166 лиценирани медијатори организирани во Комората на медијатори на Република Македонија. Согласно Законот, страните во спорот имаат еднакви можности за учество во постапката за медијација за што ќе бидат информирани на јасен и разбирлив начин од страна на медијаторот. Медијацијата започнува на денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијација дадена на записник пред суд. Постапката за медијација завршува во рок од 45 дена од денот на давањето на изјава за отпочнување на постапката, без оглед на нејзиниот исход.
Ангел Данов
Додади коментар