Дваесет и двегодишниот Илија Петров од Кавадарци беше најсреќниот од дваесетината момчиња кои денеска скокнаа по светиот крст во водите на реката Луда Мара во Кавадарци. Тука се изврши голем богојавленски водосвет. Петров беше пресреќен што годинава ја имаше можноста да го извади светиот крст. Им посака здравје, среќа и бериќет на сите свои најблиски и сограѓани.
Од локалната самоуправа и градоначалникот доби подарок ЛЦД телевизор.
„Честитки до Илија за фаќањето на крстот. Денеска е голем ден за сите православни христијани, сакам на сите да им го честитам овој празник. Цело Кавадарци и понатаму да биде над сите и да доживееме уште поголем просперитет“ рече градоначалникот Александар Панов.
На кавадарчани празникот Богојавление Водици им го честита и пратеничката во парламентот д-р Весна Пемова.
На големиот водосвет на кејот на реката Луда Мара претходеше света литургија во храмот Свети Димитрија во Кавадарци од каде со литија верниците и свештените лица се упатија кон реката.
Голем водосвет се изврши и на браната Моклиште. Таму најсреќен беше осумнаесет годишниот Ангел Петров. Тој прв стигна до светиот крст од останатите седум момчиња кои скокнаа во водите на браната. И Петров доби подарок ЛЦД телевизор од градоначалникот и локалната самоуправа.
Во Тиквешијата денеска масовно беше прославен верскиот празник Богојавление-Водици. Во Росоман најсреќен од момчињата кои скокнаа по светиот крст беше Ќире Мишков, а во Градско Тошо Илиќ.
Ангел Данов
Додади коментар